Кога се работи за органско производство на земјоделски култури, првото што се коментира е дека е скапо и деликатно производство.
Како може да се демантира ваквото сфаќање на земјоделците? Само преку пример, да видат и да се уверат. Затоа што нашиот земјоделец е главно недоверлив, тежок на промени и многу внимателен да не биде изигран. Не е човек ни да им замери, години наназад се лажени, изневерувани и злоупотреби од некои откупувачи, трговци или власта.
Но ситуацијата полека се менува. Најнапред со враќање на довербата во откупувачите, со новите генерации се надминува и менталитетот на тешко прифаќање новитети, се следи интернет и модерните технологии.
Кога на овој процес ќе се приклучи државата со поддршка и зголемени субвенции, медиумите ќе помогнат во навремено и правилно информирање, а советнци на терен ќе вршат едукација, тогаш можеме да зборуваме дека реално состојбата се менува.
Ова особено може да се види со најновиот проект на Агротим – Договорно производство на органска пиперка.
Го почнавме ентузијастички, но со верба во успех бидејќи имавме одлична соработка со земјоделци, откупувачот „Тргопродукт“ и советничката за органско производство Ангела Ѓеровска која го следеше целокупниот процес од семе, расад, агротехнички мерки и берба.
Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.
Разговараме со Ангела за искуството од терен, на кои проблеми наидоа земјоделците, како се одвиваше целокупното производство и дали се задоволни земјоделците.
-Проектот органско договорно производство го започнавме заедно со Агротим, во соработка и поддршка со Агротим и првично изгледаше малку како нереално, затоа што немавме земјоделци, имавме само побарувачка на органска пиперка. Земјоделците тешко е да се убедат да влезат во органско затоа што имаше недостаток на доверба од тоа каде ќе биде пласирана пиперката. „Тргопродукт“ се јави како откупец на пиперката на нивна иницијатива за побарувачката за пиперка неколку земјоделци пробно влегоа во приватно органско производство. Стартно и производителите не беа сигурни што произведуваат и потпишаните договори не им беа цврст доказ дека на крај ќе се заврши сѐ успешно, меѓутоа сега сме на насад со пиперки и гледаме задоволни земјоделци, задоволни производители. Исто така со оглед на временските услови кои ги имавме годинава се покажа дека органската пиперка е доста понапред и со подобар квалитет од конвенционалната.
-На кои поблеми се наиде во текот на производството, како искуство за следната година?
-Во Светиниколскиот регион проблемите настанаа кај неколку земјоделски производители кои потпишаа договор, но сега не се во состојба да предадат пиперка затоа што имаше проблем со недоволно количество вода. Во време кога се расади пиперката меѓу најдобрите насади кога се насадија, дојде до тотално сушење на насадот. Бевме ограничени да може да се врши откуп на расад, да може да се надополнат тие ниви затоа што семето требаше да биде сертифицирано или дозволено во органското производство, произведено на посебен начин не како конвенционалното и за жал тројца од производителите останаа без пиперка за откуп и тоа е еден од главните проблеми во Светиниколско. Другите без проблеми ги поминавме прилично добро, а на задоволство на производителите цената ја постигнавме, трошоците беа поевтини отколку во работата со конвенционално производство и немаше некои реални проблеми кои можевме да ги сметаме за реални проблеми.
– Каква беше реакцијата на земјоделците со оглед дека ова е прва година да произведуваат за познат откупувач. односно да бидат дел од Договорно производство?
-Земјоделците Влегоа во органското производство со некоја недоверба пред сѐ во делот на тоа дека органските препарати ќе ја извршат таа заштита, втора недоверба беше дека навистина ќе се откупи пиперката меѓутоа се откупи пиперката и се плаќа по цена по која беше договорена. Стартно имавме реакција од некои од производителите дека ние произведуваме органско, годинава се докажа нели недостаток на пиперка, се држеше цена и вика имаме иста продажна цена, реално гледано не е иста продажна цената затоа што имаат уште 6 денари од преработувачки капацитет, сто посто повисоки субвенции, препаратите и ѓубривата им се доста поевтини. Меѓутоа сега крајната фаза на бербата на предавање на пиперката се покажа дека и таму кога падна конвенционалното на 13, 14 денари, секојдневно ги гледаме дека имаат незадоволства оние кои склучија договори со „Тргопродукт“ остана цената и до крај си тера на 30 денари и редовно имаат исплата.
– Очекувате ли дека годинава ќе мотивираме повеќе земјоделци да се вклучат во договорното производство за 2022 година?
-Јас се надевам и досега има доста земјоделци кои работеа конвенционало, кои беа најгласни против органското производство, значи голема недоверба, сега се јавуваат и прашуваат дали ќе имаме договори за органско производство со цел да се прошират. Имаме производители кои досега работеле на мали површини, работеле и други култури, за следна година најавуваат дека сѐ останато ќе стопираат и ќе влезат во производство на органска пиперка. Значи, една од главните причини за влез во органското производство пред сѐ беше договорот кој го понудија „Тргопродукт“ и помошта на земјоделците кои ја дадоа. Имаше земјоделци кои првично сакаа да влезат во органското производство, меѓутоа стартната инвестиција во делот на снабдување на црева, на системот капка по капка беше нормално финансиски проблем, зата што дел од нив се невработени, па имаат проблем да подигаат кредити. „Тргопродукт“ им излезе во пресрет како регрес им даде ѓубрива, на одложено плаќање или при откупот да бидат платени и на неколку од производителите кои имаа проблеми со набавката на црева, систем за наводнување, „Тргопродукт“ им излезе во пресрет и го надополни тој проблем така што мислам дека идеално ја поминавме оваа година, за следната ќе видиме како ќе биде.