Почитувани земјоделци!
Иако земјоделската 2026 сеуште не е завршена, сепак јасно се гледа вашиот пораз кога е пласманот во прашање. Ставот дека помина тоа време кога можевте да садите или сеете без да знаете на кого ќе го продадете родот, годинава удри со сета сила.
Сега би сакала ова искуство, наместо гнев и лутина и барање виновници, да го искористите конечно во менување на состојбата. Вашата несигурност со пласманот на родот има само едно решение – Договорното производство. Во овој процес ќе ви помогнам најмногу со информации за сигурни откупувачи, преработувачи и трговци, а потоа и со комплетно организирање на Договорно производство.
Знаете дека секогаш сум на ваша страна но овој пат без привилегии кога се работи за квалитетот на произведеното за кое ќе се обврзите со откупувачот. Имено, најмногу критики трпат откупувачите без да ја видиме и другата страна – колку вие ги почитувате договорите? Дали пиперките, краставиците, корнишоните…ги произведувате, класирате и предавате според договорените услови? Дали се одлучувате на продавање на некој друг доколку ви понуди подобра цена или едноставно дали сте коректни?
Кога ќе почне да функционира и ќе се развива Договорното производство, бидете сигурни дека ваквите земјоделци природно ќе отпаѓаат. Истото важи и за откупувачите. Никој не сака да биде изманипулиран и излажан. Ќе останат во процесот само тие што го почитуваат договорот.
Оваа недела ќе биде во знакот на Договорното производство.
Ќе објавиме неколку компании и агробизнисмени од различни региони кои се подготвени да склучат договор со земјоделци за производство на градинарски култури.
Ќе имате директни контакти со нив за започнување на соработка и во тој дел како Агротим немаме влијание. Тоа ќе си биде ваша деловна соработка.
Наше ќе биде да го промовираме Договорното производство, да се обидеме да се вклучат повеќе агробизнисмени, откупувачи, трговци и да го следиме процесот.
А заеднички на сите три страни ќе ни биде активноста да ја убедиме државата, субвенциите да ги насочи кон оние земјоделски производители кои ќе бидат дел од било кое Договорно производство.
Посакувам да имаме успешен проект, да се вклучат поголем број на откупувачи и полека да го решаваме најголемиот ваш проблем – пласманот.
Ленче Николовска
