Владата ја донесе Програмата за финансиска поддршка во ОРГАНСКОТО ПРОИЗВОДСТВО за 2025 година.
Ви ја пренесуваме изворно од Службен весник број 27 од 7.02.2025 година.
Средствата за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2025 година во вкупен износ од 150.000.000,00 денари, обезбедени согласно Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година (,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.254/24), раздел 14004 – Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (во понатамошниот текст: Агенцијата), Програма 2, Потпрограма 20, Ставка 464-Разни трансфери ќе се користат според следните мерки Вкупно 150.000.000,00 и тоа за:
1. Финансиска поддршка за органско растително производство 40.000.000,00
2. Финансиска поддршка за органско сточарско производство 71.000.000,00
3. Финансиска поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло (вклучително за доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло) 1.000.000,00
4. Финансиска поддршка за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло 7.500.000,00
5. Финансиска поддршка за посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација 1.000.000,00
6. Финансиска поддршка за посебни директни плаќања за анализа на производ кај земјоделски стопанства 1.500.000,00
7. Заостанати обврски од Програмите за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2022, 2023 и 2024 година 28.000.000,00
II
(1) Средствата од дел I мерка 1 од оваа програма наменети за финансиска поддршка во органското растително производство во вкупен износ од 40.000.000,00 денари ќе се користат за реализација на следните подмерки, согласно поблиските критериуми од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година (во понатамошниот текст: Уредбата):
1.1. Директни плаќања по обработливa земјоделска површина за сите органски и во преод поледелски култури, лековити, ароматични, зачински растенија и цвеќе
1.2. Директни плаќања по обработливa земјоделска површина за органско и во преод градинарско производство на отворено и во пластеници
1.3. Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.2. за производство под контролирани услови на органски и во преод домати, пиперки и краставици
1.4. Директни плаќања по обработлива органска и во преод земјоделска површина за одржување на постоечки овошни насади
1.5. Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки органски и во преод лозови насади
(2) Корисници на средства од подмерка 1.1. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 1.1. од Уредбата, како и земјоделски стопанства кои своето производство од пченица и јачмен го употребиле за сопствени потреби за исхрана на добиток или своето производство од пченица и јачмен го продале на сертифицирани органски и во преод регистрирани одгледувачи на добиток, со регистарски број на одгледувалиште во Регистарот на одгледувачи на животни во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Висината на директните плаќања се зголемува за 3.000 денари по хектар во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 1.1 алинеја 4 од Уредбата, за 6.500 денари по хектар за подмерката 1.1 алинеја 5 од Уредбата и за 5.250 денари по хектар за подмерката 1.1 алинеја 6 од Уредбата.
(3) Корисници на средствата од подмерка 1.2. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 1.3. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 30.000 денари по хектар во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 1.3. алинеја 3 од Уредбата и за 12.000 денари по хектар од подмерката 1.3 алинеја 4 од Уредбата.
(4) Корисници на средства од подмерка 1.3. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средстава од подмерката 1.4. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 120.000 денари по хектар во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 1.4. алинеја 2 од Уредбата.
(5) Корисници на средства од подмерка 1.4. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 1.6 од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 29.400 денари по хектар во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 1.6. алинеја 3 од Уредбата, за 25.900 денари по хектар од подмерката 1.6 алинеја 4 од Уредбата, за 23.800 денари по хектар од подмерката 1.6 алинеја 5 од Уредбата, за 17.500 денари по хектар од подмерката 1.6 алинеја 6 од Уредбата и за 8.400 денари по хектар од подмерката 1.6 алинеја 7 од Уредбата.
(6) Корисници на средства од подмерка 1.5. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 1.8. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 29.400 денари по хектар во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 1.8. алинеја 3 од Уредбата.
III
(1) Средствата од дел I мерка 2 од оваа програма наменети за финансиска поддршка за органско сточарско производство во износ од 71.000.000,00 денари ќе се користат според следните подмерки, согласно поблиските критериуми од Уредбата:
2.1. Директни плаќања за обележани органски и во преод женски грла говеда постари од 18 месеци
2.2. Директни плаќања за обележани органски и во преод женски грла говеда на возраст од 6 до 18 месеци
2.3. Директни плаќања за обележани органски и во преод грла овци постари од 12 месеци
2.4. Директни плаќања за обележани органски и во преод грла кози постари од 12 месеци
2.5. Директни плаќања за одгледани и продадени или заклани органски и во преод бројлери во регистрирани кланични капацитети
2.6. Директни плаќања за регистрирано презимено органско и во преод пчелно семејство
(2) Корисници на средства од подмерка 2.1. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.1. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 4.000 денари по грло во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.1. алинеја 4 од Уредбата.
(3) Корисници на средства од подмерка 2.2. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.2. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 1.500 денари по грло во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.2. алинеја 2 од Уредбата.
(4) Корисници на средства од подмерка 2.3. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.6. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 1.500 денари по грло во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.6. алинеја 4 од Уредбата.
(5) Корисници на средства од подмерка 2.4 на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.7. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 1.500 денари по грло во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.7. алинеја 2 од Уредбата
(6) Корисници на средства од подмерка 2.5. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.11. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 30 денари по пиле во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.11. алинеја 2 од Уредбата.
(7) Корисници на средства од подмерка 2.6. на овој дел се земјоделските стопанства кои се корисници на средства од подмерката 2.14. од Уредбата.
Висината на директните плаќања се зголемува за 400 денари по презимено пчелно семејство во однос на утврдената висина за директните плаќања од подмерката 2.14. алинеја 2 од Уредбата.
IV
(1) Средствата од дел I мерка 3 од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло (вклучително за доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло).
(2) Корисници на мерката 3 од дел I од оваа програма се земјоделски стопанства и/или откупувачи запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи кои имаат произведено преработки од примарни земјоделски органски производи или производи во преод од домашно потекло или пак имаат извршено доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло и истите ги имаат продадено.
(3) Корисници на мерката 3 од дел I од оваа програма се и земјоделски стопанства – производители на органско кравјо, овчо и козјо млеко регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози, вклучително и корисници кои произведуваат храна со традиционални карактеристики и во објекти кои се во започната постапка за евидентирање според традиционални методи на производство, сирење добиено од млеко од овци и кози/мандри.
(4) Висината на директните плаќања за мерката 3 од дел I од оваа програма изнесува 10% од вредноста на произведените и продадени производи, но не повеќе од 150.000 денари по оператор и 30.000 денари по сертифициран органски производ од растително и сточарско производство, за не повеќе од пет сертифицирани органски преработени производи.
V (1) Средствата од дел I мерка 4 од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло.
(2) Корисници на мерката 4 од дел I од оваа програма се земјоделски стопанства и/или откупувачи запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи кои вршат трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло.
(3 ) Висината на директните плаќања за мерката 4 од дел I од оваа програма изнесува 5% од вредноста на продадените производи, но не повеќе од 150.000 денари по оператор.
VI
(1) Средствата од дел I мерка 5 од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација.
(2) Корисници на мерката 5 од дел I од оваа програма се земјоделски стопанства и/или откупувачи запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи од областа на органското земјоделско производство кои имаат добиено сертификат од овластено тело во 2025 година.
(3) Висината на директните плаќања за мерката 5 од дел I од оваа програма изнесува 50% од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2025 година.
VII
(1) Средствата од дел I мерка 6 од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за посебни директни плаќања за анализа на производ кај земјоделски стопанства кои имаат извршено анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и други материи на органските производи во 2025 година.
(2) Корисници на мерката 6 од дел I од оваа програма се земјоделски стопанства и/или откупувачи запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи кои имаат извршено анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и други материи на органските производи во 2025 година.
(3) Висината на директните плаќања за мерката 6 од дел I од оваа програма изнесува 80% од трошоците за анализа без данок на додадена вредност, но не повеќе од 12.000 денари по земјоделско стопанство и/или откупувач.
VIII
(1) Корисници на дополнителните директни плаќања на подмерките од деловите II и III од оваа програма се земјоделските стопанства кои имаат сертифицирано растително и/или сточарско органско производство и/или производство во преод согласно Законот за органско земјоделско производство.
(2) Дополнителните директни плаќања од дел I мерки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од оваа програма ќе се реализираат со поднесување на барање за финансиска поддршка до Агенцијата, согласно Уредбата.
IX
Средствата од дел I мерка 7 од оваа програма се наменети за исплата на заостанати обврски од Програмите за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2022, 2023 и 2024 година.
X
Крајните рокови за поднесување на барањата за директни плаќања во органското земјоделско производство за 2025 година за мерките 1 и 2 од дел I од оваа програма, односно подмерките од деловите II и III од оваа програма се утврдени во Уредбата.
Крајниот рок за поднесување на барањата за директни плаќања во органското земјоделско производство за 2025 година за мерките од деловите IV, V, VI и VII од оваа програма е 25 декември 2025 година.
XI
Исплата на средствата од оваа програма по корисници ја врши Агенцијата.
Извор – Службен весник број 27 од 7.02.2025 година.