Органското производство бара многу повеќе работа, но трудот се исплаќа, вели сопственикот на една семејна фарма, кој решил да одгледува и преработува боровинки. Со набавка на опрема со средства од ЕУ, тoj го забрзал процесот на производство на џемови, мармалади и сокови, а инвестирал и во соларен систем.

„Претходно, мојата сопруга и по три часа стоеше покрај тенџерето за џем и мешаше 10 килограми боровинки, а сега новиот котел сам меша и до 130 килограми“, вели Лео Лисјак, сопственик на семејната фарма која го носи истото име. Тој живее во Шенковец и е единствениот одгледувач на боровинки со еколошки сертификат во областа Меѓимурје во Хрватска. Со средства од ЕУ фондовите купил котел за приготвување на џем, стерилизатор за тегли, машина за вакумирање и пасирање на џем. Тој и неговото семејство, исто така, искористиле дел од грантот за да инвестираат во соларен систем од 4,6 киловати.

Имено, овој млад производител, кој со семејството на повеќе од еден хектар земјоделско земјиште првенствено се занимава со еко производство на ова многу барано бобичасто овошје, годишниот принос, кој достигнува до 5 тони, успева да го продаде во целост на домашниот пазар. Исто така аплицирал и за повикот 1.1.3. „Поддршка за развој на мали фарми“ и добил грант од 15 000 евра.

„Благодарение на оваа инвестиција, значително го забрзавме и си го олеснавме процесот на производство на џем, мармалад и сокови. Заштедивме и многу време благодарение на уредот за сува стерилизација на тегли, без кој претходно бевме принудени да ги загреваме со часови. Со машините што ги купивме, го направивме процесот на производство полесен, побрз, но и поевтин и ќе постигнеме значителна заштеда благодарение на соларниот систем, кој сега ни обезбедува бесплатна електрична енергија “, гордо раскажува Лео.


Бидејќи производството им е органско, тие аплицирале и за некои одредени грантови што биле намети за ваквото производство. И овие средства, потенцираат, се многу добри за развој на бизнисот. Тие исто така се обидуваат да ја зголемат површината под боровинки и планираат нови инвестиции на нивната фарма.


„Се додека не го добивме грантот, сите големи инвестиции ги финансиравме исклучиво со сопствени средства, но благодарение на одличното искуство со јавните повици за финансиска поддршка од ЕУ фондовите, добивме голема помош. Сега планиравме да аплицираме на повикот за под-мерка 6.2. „Поддршка за инвестирање при започнување со неземјоделски активности во руралните области“, од Програмата за рурален развој. Со години се обидувавме да ги зголемиме површините, но цените на земјоделското земјиште во нашата област едноставно не се реални “, предупредува тој.
Земјоделското производство, бара и постојана професионална и финансиска поддршка. „Сè додека не почнеме земјоделското производство да го гледаме како фабрика на отворено, нема да имаме доволно производство. Дури и сегашната состојба со корона вирусот покажа колку е тоа важно“, вели овој млад одгледувач на боровинки.


„Мојата сопруга Јасминка и јас ја сакаме природата, па пред неколку години решивме да се обидеме со органско одгледување на боровинки, свесни дека во производството на здрава храна лежи иднината. Не ни беше тешко да работиме, вложивме еден куп пари во производството, иако најголемиот дел од работата ја правевме сами. Но, моравме да инвестираме во набавка на садници, во земјоделски машини, трактори, вилушкари, комбиња и сл. Насадените 3,5 илјади грмушки од боровинки требаше да се наводнуваат и да се заштититат со мрежи против град, а тоа се многу големи трошоци. Но, задоволни сме. Иако органското производство бара многу повеќе рачна работа, вложениот труд се исплатува на крајот “, заклучува Лео.

Ова младо семејство се занимава и со производство на мед на нивната фармата. Поточно, тие имаат 14 пчелни сандуци. „Ние сме на почетокот. Нашиот план е да имаме 50 сандуци“, открива Лео, додавајќи дека нивните пчели се добри. Иако се во Меѓимурје, Шенковец е далеку од местото каде се случи најголемиот помор на пчели во Хрватска досега“.

„Ние сме во северниот дел, а овој ужасен настан се случи во Долно Меѓумурје. Да не се повтори “, рече Лео.
Извор: Рурален развој
