Кајсии со одличен квалитет, изработени домаќински, со сите потребни агротехнички мерки, се наоѓаат во гајбите на земјоделецот Боне Спасовски од село Виничани. Спремни се за продажба на трговците кои нудат добра цена за добар производ.

Цената – 60 денари и нагоре, приносот 40 килограми од дрво во трета година. Во четвртатата година очекува принос од 60 килограми од дрво.

Има насадено 200 дрвца кајсии од сортата Фарбали. Нова сорта кај нас, покасно цвета и отпорна на мраз.
Марина Спасовска и нејзиниот сопруг Боне Спасовски заедно со своите деца обработуваат 3 хектари лозје, 7 хектари овоштарство од кои претежно кајсија, сливи и праски, 1,5 хектар житарица и 10 пластеници со раноградинарска култура – пиперка.

Фамилијата Спасовски се доказ дека земјоделството е сериозен бизнис во кој треба да се инвестира и да се работи професионално доколку сакате да имате успех и да заработите. Државата преку субвенциите и ИПАРД фондовите им помага на земјоделските производители но главната движечка сила се самите земјоделци кои треба да следат новите модерни текови и да инвестираат во конкурентно производство.

Кога ќе произведеш квалитет, трговците сами те наоѓаат и нудат добра цена – е пораката која ја испраќаат ваквите успешни земјоделски производители како Боне Спасовски од село Виничани.
