Почитувани Клиенти!
Ве известуваме дека Компанијата „Дена Продукт Валандово – оранжерии Богданци“ од 07.02.2022 г. понеделник започнува со договори на кооперанти за производство на корнишони.
Исто така ве известуваме дека има промена на цените, односно нивно зголемување.
Компанијата Ви стои на располагање со загарантирани цени, сигурен откуп, редовна исплата, бесплатен стручен совет, репроматеријали за производство на корнишони, редовна комуникација и посета на земјоделците.
За подетални информации обратете се на броевите: 072/311-600 – Емил и 075/333-677 – Васко
Оваа вест беше објавена на фејсбук-страницата на компанијата Дена Продукт – Оранжерии Богданци.
Оваа вест беше практичен пример како треба да изгледа едно Договорно производство, најдоброто решение за земјоделците и агробизнисмените, а проект кој со особено внимание го работиме преку Агротим.
Информацијата за условите што им ги нуди откупувачот на земјоделците, особено намерата за покачување на откупната цена на корнишоните поради поскапените репроматеријали, пријатно ме изненади и знаев дека првото излегување на терен во оваа земјоделска 2022 година ќе биде токму во Богданци. Сакав да ги запознаам сопствениците и агрономите кои работат на терен и од прва рака да разберам како функционира оваа соработка со земјоделците.
Агрономот Емил Јованов, го најдовме на работното место, на пространство од 30 хектари, од кои 18 хектари под стакленици, чиста, тивка средина, со прекрасен поглед, со февруарско сонце како бонус.
Прво што го прашав е дали имаат постојани кооперанти, со колку земјоделски производители соработуваат.
-Имаме традиционални, но има и нови кооперанти. Од традиционалните кооперанти има некои што го прошируваат производството. Некои почнуваат со помали количини и после зависно од тоа колку можат тие да изработат, ги зголемуваат површините. Лани имавме 220 кооперанти, а сега очекуваме повеќе – вели Јованов и додава дека она што е важно за земјоделците е помошта што ја добиваат во текот на производството, помош во репроматеријали и најважно редовната и навремена исплата на родот.
-Ние сме многу коректни во односот со земјоделците, тоа нѐ прави и нивен сигурен партнер веќе 8 години. Исто така задоволни сме и ние од соработката со нив, ги почитуваат условите на производство, ги применуваат нашите совети и можам слободно да кажам дека кооперантскиот начин е најдоброто решение за двете страни. Доколку човек има мерак да работи, корнишоните физички не се тешки за работа. Обврската е што треба почесто да се биде таму. Секој ден треба да се бере за да се има добра класа, бидејќи преку ноќ знаат многу да пораснат – вели Јованов.
Од понеделник веќе почнуваат со склучување на договорите, телефонот постојано му звони…
-Годинава, за разлика од минатата година ќе бидат зголемени цените поради поскапените репроматеријали. Свесни сме дека тоа е проблем годинава и треба да излеземе во пресрет на земјоделците.
Разговорот со Јованов оди лесно, си ја сака професијата, постојано е во контакт со земјоделците, а неговата професионалност се гледа по остварените реколти.
Моментално во оранжериите кои се на површина од 18 хектари има насадено пролетна зелка. Засега е во добра состојба, така се очекува и до бербата. За пласманот, традиционално ја извезуваат во Полска.
-Немаме договор за зелката, но досега немало проблем со пласманот. Има одличен квалитет, а ја продаваме на странски пазари, најмногу во Полска – раскажува Емил.
Посетата на Компанијата „Дена Продукт Валандово – оранжерии Богданци“ ги оправда моите очекувања и уште еднаш ми потврди дека Договорното производство, кооперантските односи кај нас може да функционираат. Основниот услов за тоа останува меѓусебната доверба помеѓу земјоделците и откупувачите, која, да бидеме реални, најмногу зависи од откупувачите, тие мора да имаат разбирање и трпение со земјоделците во делот на едукација и правилно извршување на сите агротехнички мерки. Или едноставно да знаат да водат, да бидат коректни и сериозни во намерата.
Компанијата „Дена Продукт Валандово – оранжерии Богданци“ за тоа може да послужи како школски пример, се согласивме со колегата агроном Емил.
Ленче Николовска