Во февруари, во Барселона ќе биде отворен вториот најголем европски пазар на кој ќе се продаваат исклучиво органско овошје и зеленчук. Биомаркетот е сместен во објектот Меркабарн и во почетокот ќе работи со десет трговски компании, земјоделски задруги и со десет мали локални производители.
– „Станува збор за пионерски проект кој органската храна ќе ја приближи кон поголем број на потрошувачи. Сакаме да им помогнеме и на малите производители и да им овозможиме поголема видливост на пазарот, како и полесен пристап до потрошувачите“ – изјави генералниот директор на Меркабарн, Јорди Валс.
Отворањето на Биомаркетот прво било планирано за октомври, но поради пандемијата со корона вирусот е поместено за февруари.
– „Иако ова е време на предизвици поради тешката здравствена ситуација, ја приведуваме кон крај адаптацијата и пазарот ќе биде подготвен за отворање во февруари“, додава тој.
Барселона не е избрана случајно. Имено, Каталонија е водечки автономен регион во Шпанија кога е во прашање потрошувачката на органска храна и за 26 проценти е повисока во однос на останатите делови на земјата, пишува Хорти дејл.
– „Градското собрание на Барселона се обврзало да обезбеди посигурен, поодржлив и поздрав модел на исхрана кој станува стварнсот. Верувам дека оваа година Барселона ќе стане светска престолнина на органска храна“, изјавил Валс и истакнал дека Биомаркетот ќе покрива цела низа на производи кои ги бараат потрошувачите.
-„Најмногу ќе се продаваат органски производи на локалните производители. На купувачите ќе му понудиме комплетен асортиман, ќе гарантираме снабдување со свежи органски производи, додека поради конкуренцијата и цените ќе бидат поприфатливи отколку во продавниците“, нагласува тој.
Шпанија е еден од водечките земјоделски производители во Европа и на четврто место по приходи остварени од аграрот со повеќе од 40 милијарди евра. Со 23 милиони хектари површина, Шпанија е втора во Европа по искористено обработливо земјиште и најголем производител и извозник на овошје и зеленчук во Европската унија и трета земја во светот.
Извор: Agrobiznis magazin
