Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поканува сите заинтересирани страни да учествуваат на јавна расправа за Предлогот на закон за уредување на пазарите со земјоделски производи.
Јавната расправа ќе се одржи на 25 септември 2026 година (петок), со почеток во 11:00 часот, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. „Ленинова“ бр. 2, Скопје – Голема сала.
Член 1
Со овој закон се уредуваат политиката, интервенциските мерки и финансиската поддршка за уредување и поддршка на пазарите со земјоделски производи, трговијата и откупот, пазарните стандарди, организирањето на производителите, како и спроведувањето, контролата, надзорот и прекршочната одговорност.
Цели и супсидијарна примена на законот
Член 2
(1) Целите на овој закон се:
1. стабилизирање на пазарите на земјоделски производи;
2. обезбедување подобар животен стандард на производителите на земјоделски производи;
3. заштита на интересите на производителите и на потрошувачите на земјоделски производи;
4. подобрување на квалитетот на земјоделските производи и
5. добро функционирање на домашниот и на надворешниот пазар на земјоделски производи.
(2) За сите прашања што се однесуваат на заедничката организација на пазарите на земјоделски производи, а не се уредени со овој закон, соодветно се применува законот со кој се уредуваат земјоделството и руралниот развој.
(3) На постапките утврдени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
(4) Во постапката за спроведување и контрола на интервенциските мерки за поддршка на пазарите со земјоделски производи, доколку со овој закон поинаку не е уредено, се применуваат одредбите од законот со кој се уредува основањето на Агенцијата.
(5) Во постапката за вршење на инспекциски надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено, се применуваат одредбите од законот со кој се уредува инспекцискиот надзор.
(6) По исклучок од одредбата за правната заштита во законот со кој се уредува основањето на Агенцијата, против решенијата на Агенцијата донесени врз основа на овој закон може да се изјави жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, освен ако со овој закон поинаку не е уредено.
Надлежни органи
Член 3
(1) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во натамошниот текст: Министерството) ја креира политиката, ги подготвува мерките, ги води регистрите и системите утврдени со овој закон и го следи нивното спроведување.
(2) Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (во натамошниот текст: Агенцијата) ги спроведува мерките на финансиска поддршка, одлучува за барањата, врши исплата и финансиски контроли, согласно со овој закон и законите со кои се уредуваат нејзиното основање и земјоделството и руралниот развој.
(3) Инспекциски надзор над примената на овој закон врши Државниот инспекторат за земјоделство (во натамошниот текст: Инспекторатот), преку државните инспектори за земјоделство.
(4) Агенцијата за храна и ветеринарство ги врши официјалните контроли на безбедност и квалитет на храната во рамките на своите надлежности утврдени со закон.
Корисници
Член 4
(1) Право на користење средства за одделна интервенција или мерка имаат корисниците утврдени со одредбите со кои се уредува таа интервенција или мерка, а особено:
1. земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
2. признаени организации на производители, нивни асоцијации и групи на производители, запишани во Регистарот на признаени организации на производители на земјоделски производи и
3. земјоделски задруги, откупувачи, преработувачи, трговци, складиштари, воспитно-образовни установи, единици на локалната самоуправа, здруженија, комори, научни и други правни лица, кога се определени како корисници со овој закон.
(2) Корисниците се должни документацијата и доказниот материјал за исполнување на условите и за користење на средствата да ги чуваат најмалку пет години од годината на исплатата, освен ако со овој или со друг закон е утврден подолг рок.
Глава II
УРЕДУВАЊЕ И ПОДДРШКА НА ПАЗАРИТЕ СО ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ
Оддел 1
Политика за уредување и поддршка на пазарите со земјоделски производи
Интервенции на политиката за уредување и поддршка на пазарите со земјоделски производи
Член 6
(1) Политиката за уредување и поддршка на пазарите со земјоделски производи (во натамошниот текст: Политиката) се спроведува преку:
1. уредување на условите и начинот за вршење на трговија со земјоделски производи со цел зачувување на конкурентските услови и поттикнување на договорните односи во процесот на додадена вредност;
2. интервенциски мерки за поддршка на пазарите со земјоделски производи со цел зголемување на нивната конкурентност и обезбедување на стабилност на приходот на земјоделските производители;
3. промоција на македонските земјоделски и прехранбени производи за стимулирање на потрошувачката и олеснување на продажбата на домашниот и надворешните пазари;
4. воведување на пазарни стандарди за одделни категории на земјоделски производи за заштита на потрошувачите и
5. организирање на производителите на земјоделски производи заради унапредување на пазарната положба на земјоделските производители во ланецот на снабдување со земјоделските производи и поизбалансирани односи помеѓу учесниците.
(2) Поддршката на пазарите на земјоделски производи од ставот (1) точка 2 на овој член се спроведува преку:
1. интервенции на пазарите со земјоделски производи;
2. интервенции за поттикнување на потрошувачка и подобрување на здравите навики во исхраната на децата;
3. признавање и поддршка на организациите на производители и нивните асоцијации, како и на групи на производители и
4. интервенции за заштита на пазарот.
(3) Интервенциите на Политиката од ставот (1) на овој член не се однесуваат на пазарот со риби и рибни производи.
(4) Финансиската поддршка за интервенциите од ставот (1) на овој член се обезбедува со програмите донесени врз основа на законот со кој се уредуваат земјоделството и руралниот развој.
(5) Министерот може да ги пропише обрасците, техничкиот начин на електронско поднесување и административна обработка, водењето евиденции и известувањето за интервенциите, доколку тие прашања не се поинаку уредени со посебна одредба од овој закон.
(6) Финансиската поддршка од овој закон се доделува согласно со прописите за контрола на државната помош, заштита на конкуренцијата и јавните набавки, кога се применливи, во рамките на обезбедените средства и без двојно финансирање на ист прифатлив трошок.
Категоризација на земјоделските производи
Член 7
Земјоделските производи опфатени со овој закон се распоредуваат во следниве потсектори:
- жита;
- ориз;
- шеќер;
- сушена добиточна храна;
- семиња;
- хмељ;
- маслиново масло и трпезни маслинки;
- лен и коноп;
- овошје и зеленчук;
- преработки од овошје и зеленчук;
- банани;
- вино;
- живи дрвја и други растенија, луковици, корени, режано цвеќе и декоративно зеленило;
- тутун;
- телешко и говедско месо;
- млеко и млечни производи;
- свинско месо;
- овчо и козјо месо;
- јајца;
- живинско месо;
- етил алкохол од земјоделско потекло;
- производи од пчели;
- свилени буби и
- други производи.
Пазарни години
Член 8
За потребите на спроведување на Политиката за одредени земјоделски производи се утврдуваат следниве пазарни години:
- од 1 јануари до 31 декември од тековната година за потсекторите за овошје и зеленчук, преработки од овошје и зеленчук и банани;
- од 1 април до 31 март наредната година за потсекторите за сушена добиточна храна и свилени буби;
- од 1 јули до 30 јуни наредната година за:
3.1. потсекторот за житни култури;
3.2. потсекторот за семиња;
3.3. потсекторот за лен и коноп и
3.4. потсекторот за млеко и млечни производи;
- од 1 август до 31 јули наредната година за потсекторот за вино;
- од 1 септември до 31 август наредната година за потсекторот за ориз и за трпезните маслинки и
- од 1 октомври до 30 септември наредната година за потсекторот за шеќер и за маслиновото масло.
Финансиски гаранции
Член 9
(1) Кога тоа е изречно предвидено со одлуката за отворање на мерката или со јавниот повик, Агенцијата може од барателот да побара паричен депозит или безусловна банкарска гаранција за исполнување на определена обврска.
(2) Висината на гаранцијата мора да биде сразмерна со обезбедената обврска и не може да ја надмине нејзината вредност.
(3) Агенцијата ја ослободува гаранцијата по целосно исполнување на обврската, а со решение ја активира целосно или делумно кога обврската не е исполнета. Против решението може да се изјави жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
(4) Формата и содржината на гаранцијата, техничкиот начин на пресметување во границите од ставот (2) на овој член, доказите за исполнување на обезбедената обврска и начинот на ослободување и активирање на гаранцијата ги пропишува министерот.
Оддел 2
Уредување на условите и начинот за вршење на трговија и откуп на земјоделски производи и следење на пазарите
Начела и опфат
Член 10
(1) Трговијата и откупот на земјоделски производи се вршат согласно со начелата на слободна и фер конкуренција, еднаков третман на учесниците на пазарот, транспарентност, следливост на производите, заштита од нефер трговски практики и навремено исполнување на договорните обврски.
(2) Со одредбите од овој оддел се уредуваат:
1. условите за вршење организиран откуп на земјоделски производи;
2. запишувањето и водењето на Регистарот на откупувачи на земјоделски производи;
3. условите што треба да ги исполнуваат откупувачите и откупните места;
4. договорните односи меѓу продавачите и откупувачите;
5. обврските за водење евиденција и доставување пазарни податоци;
6. дополнување на Земјоделскиот пазарен информативен систем;
7. користењето и обработката на податоците за увозот, извозот, производството, залихите и цените;
8. определувањето на репрезентативните пазари и оператори и нивните обврски за доставување податоци и
9. Националната опсерваторија на пазарите на земјоделски производи.
(3) За прашањата што не се уредени со овој закон се применуваат прописите со кои се уредуваат трговијата, облигационите односи, забраната на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, безбедноста на храната, ветеринарното здравство, фитосанитарната заштита, квалитетот на земјоделските производи, заштитата на конкуренцијата и царинското работење.
(4) Одредбите од овој оддел што се однесуваат на организиран откуп не се применуваат на:
1. непосредна продажба од земјоделско стопанство на краен потрошувач;
2. продажба на земјоделски производи на пазари на мало;
3. продажба на саеми и други повремени продажни настани;
4. продажба преку интернет непосредно на краен потрошувач и
5. купувањето земјоделски производи од страна на трговец-поединец или микро трговец на мало, исклучиво за непосредна продажба на крајни потрошувачи во сопствен малопродажен објект, ако купувачот не користи посебно откупно или собирно место, не објавува повик за откуп и не врши дистрибуција на производите до други малопродажни објекти и
6. други форми на продажба што не претставуваат организиран откуп согласно со овој закон.
(5) Откупот на тутун, винско грозје, сурово млеко и други земјоделски производи за кои со посебен закон се уредени условите и начинот на откуп се врши согласно со посебниот закон, а одредбите од овој закон се применуваат на прашањата што не се уредени со посебниот закон.
….
Предлог-законот во целост на следниот линк:
https://ener.gov.mk/default.aspx?item=pub_regulation&itemid=123627&subitem=view_reg_detail
