Јаболковина или јаболково вино (меѓународно: сајдер, од фр. cidre и анг. cider) е алкохолен пијалак направен од ферментиран јаболков сок. Популарно е во Обединетото Кралство (особено во западните земји) и Република Ирска и е широко достапно. Велика Британија има најголема потрошувачка во светот по жител, како и нејзините најголеми претпријатија за производство на јаболковина.
Во САД, сорти на ферментирана јаболковина честопати се нарекува „тврда јаболковина“ (hard cider) за да се разликува алкохолниот јаболков од безалкохолен јаболков сок или „слатка јаболковина“, исто така направена од јаболка.

Владимир Радевски го споделува своето искуство на правење ферментирано јаболково вино со јаболка од Малешевијата.
– Првата ферментација ја направивме според рецептот на Revolution Fermentation. Наместо квасецот препорачан кај нив, користевме вински квасец, но за наредните обезбедивме вистински квасец за сајдер Mangrove Jack’s. Рецептот се покажа одличен.
Првата ферментација од 5 литра чист јаболков сок траеше 4 недели, во сад со капак против контакт со воздух на променлива температура од 18 до 20 C (со поладни ноќи) и не сум сигурен дали не требаше да ја прекинеме неколку дена порано бидејќи беше веќе многу слаба.

По ферментацијата од 4 недели смесата отседна 24 часа во фрижидер. Потоа добро ја процедивме (сепак недоволно), ја флаширавме во шишиња со механички капаци и ставивме по едно лажиче шеќер во секое шише. Ми се чини дека количината на шеќер е многу важна бидејќи забележавме разлика во степенот на газираност кај различните шишиња. Шишињата ги оставивме на собна температура уште две недели за втора ферментација.

Резултатот е пијалак со извонреден вкус на јаболко, одличен оригинален сајдер што се сервира многу студен. Степенот на газираност ни варира од шише до шише но ми се чини дека на шише од 0.75 треба да се стави полна лажичка шеќер при втората ферментација, но ќе провериме во следните изданија.

Уживавме во оваа активност, занимавање со плодови, ферментација, следење на рецепт и внесување на иновативни модификации. Оваа уметност ја собира фамилијата околу една тема и резултира со одличен домашен производ. На здравје!

