Труди Боршош со органско производство почнала да работи додека живеела во Швајцарија, а денес во местото Видовци кај Пожега, каде што се преселила со сопругот, одгледува многу видови разни семиња.
Труди секоја година на бесплатни работилници за деца и возрасни ја споделува својата љубов кон природата објаснувајќи на кој начин малчира, сее и го чува семето, а едукацијата не може да заврши без минувачите да ги пробаат плодовите за кои зборува.

Оваа пролет, вели таа, ќе посее 400 различни видови зеленчук, овошје и цвеќе, а ќе има и место и за некои лековити и зачински билки.
„Градината е мојот психијатар, мојот одмор“, вели таа.

Земјиштето, објаснува Труди , не го обработува, а растенијата не ги копа и не ги наводнува, освен кога има голема суша. Таа има 350 видови семе од домати, а во нејзината градина може да се најдат куркума, ориз, разни сорти краставици, бели и многу други домати, пиперки, тикви, разни видови егзотични и едногодишни овошја.
Зачетничка на идејата за зачувување на старите сорти
„Јас во таа градина работам многу малку. Марулата расте сама, како и кромидот и морковот. Секако, помеѓу нив ставам цветни леи и засадувам што сакам“, вели таа, додавајќи дека понекогаш во градината има и животни, а најмногу се радува кога ќе види срна како јаде блитва.

Во Швајцарија, објаснува Труди, била член на здружението „Биотера“ и една од зачетничките на идејата за зачувување на традиционалните, постари сорти. Истакнува дека Швајцарија одамна почнала со поттик за заштитата на ваквите семиња, а во времето кога таа му се приклучила на здружението, тие прославувале 50 години постоење.

„Ни рекоа дека треба да внимаваме да не заборавиме што имавме. На есен, секогаш имавме размена. Тие семиња потоа одеа во различни делови на земјата, но и на светот, и така продолживме да ги зачувуваме“, се присетува Труди.



