Органското производство во Македонија има потенцијал да стане клучен двигател на руралниот развој. Големата побарувачка за македонски органски производи на швајцарскиот пазар, бара од компаниите да зголемат количини и да обезбедат соодветен квалитет. За да го постигнат тоа, тие инвестираат во нови технологии, ЕУ-сертификација и модернизација на производството. Чекори што носат нови приноси и овозможуваат зголемување на капацитетите.
Во ова видео компаниjaта, „Дарион“ ја претставува својата приказна за тоа како македонското органско производство се позиционира и успешно се пласира на швајцарскиот пазар.

-Имаме површини под бадеми, околу 13 хектари нов насад, стар насад околу 16 хектари. Имаме лозов насад кој го одгледуваме на конвенционален начин. Исто така околу два хектари кајсии и уште околу 10 хектари оваа година подигнавме нов насад од бадеми, вели Ристе Златевски од „Дарион“.

-Една од добрите работи за оваа површина е што е на крајот на селото и не е работена, бидејќи е на два километри од системот за наводнување и беше малку поголема инвестиција за да се донесе водата тука. Тоа придонесува почвата да е релативно жива, да не е експлоатирана како другите површини.

Сезоната не почнува кога бадемот почнува со раст. Сезоната почнува во август, септември, кога температурите ќе паднат под 30 степени. Тогаш биологијата почнува да се развива. За време на зимата, додека бадемот „спие“, биологијата ако е активна и ако површината е покриена, во текот на тие четири-пет месеци ги размножува минералите во земјата. Кога на бадемот му треба најмногу енергија, веќе има одреден баланс на минерали што му е достапен.

Ако се стави азот, фосфор и калиум, бактериите што ги собираат тие минерали од почвата и од воздухот, влегуваат во хибернација, затоа што веќе има вишок. Ако не се направи тоа и продолжи таа микробиологија да живее, бадемот континуирано во цела сезона ќе биде во симбиоза со нив, бидејќи кога тој ќе почне да прави фотосинтеза, ќе ѝ дава шеќери на микробиологијата и уште повеќе ќе се развива.

Кога бадемот почнува со раст, ако се земе предвид дека од целиот волумен на дрвото, околу пет отсто се минерали, му ставам фолијарно еднаш или двапати микроелементи. Бидејќи тие се најмал состав од дрвото, бадемот најтешко ги добива. Сета таа енергија што ја има бадемот, ја фокусира на собирање на другите елементи. Тој си дава сигнали кои бактерии да ги активира за да придонесе за тоа. На тој начин искористен е околу 20% од капацитетот на фотосинтеза. Ако се тргне со 40-60%, многу голема количина, тој преку коренот ќе ја храни микробиологијата. Тоа му е доволно сила за понатаму да функционира во сезоната.

Досега имаме пласирано две реколти во соработка со производители на лешници од Македонија. Овој пат сакаме директна соработка со Швајцарија. Моментално имаме путер од бадем и маџун. Моментално немаме залиха бидејќи се потроши тоа што го направивме, вели Златевски.
