Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година со кој се обезбедуваат повеќе средства за развој и капитални инвестиции, поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините и реализација на развојните приоритети на Владата, како и за непречено исполнување на законските обврски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по предлогот истакна дека тој претставува навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности, како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случуваа и реализација на развојните приоритети согласно степенот на нивната реализација, објави 4news.mk
Со Дополнетиот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8% од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектираниот на 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП.
„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече министерката.
Таа додаде дека измените се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и потенцира дека денес со изгласувањето на Ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, изградбата на инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и се обезбедува сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.
