Граѓаните на Нови Сад од пред неколку дена можат да купуваат свежо полномасно млеко од млекомат.
Млекоматот ќе работи 24 часа, а нуди кравјо млеко по цена од 150 динари и козјо млеко за 200 динари. Пред консумирање, млекото мора да се свари, бидејќи не е преработено, а е и органско. Доколку се платат повеќе пари, ќе мора да се наточи млеко за таа сума, бидејќи млекоматот не враќа кусур.
-Се наоѓаме на две локации, на Лимански и Рибји пазар, со тоа што сакаме и имаме визија да се прошириме и во другите градови во Србија, пред се мислам на Белград, со оглед на тоа што луѓето изреагираа и бараат млекомат и во Белград. Ќе видиме колку ќе можеме логистички да го поддржиме и ќе најдеме начин да го реализираме проектот – вели Марко Крсманчиќ, еден од партнерите на овој проект, поранешен српски ракометар.
-Кравјото млеко го продаваме за 150 динари, а козјото за 200 динари. Тоа е полномасно, термички необработено млеко кое треба да се свари пред употреба. Ме радува што купувачите постојано се враќаат, некои од нив носат своја стаклена амбалажа која е најдобра. Важно е да се спомене дека по молзењето млекото веднаш се лади и се чува во специјални, чисти садови во кои се транспортира до машината, која автоматски се чисти и дезинфицира по секој циклус на полнење. Ние млекоматот на шега го нарекуваме паметна челична крава, бидејќи во случај на каков било проблем ќе ја прекине продажбата на млекото, па граѓаните не мора да се грижат за квалитетот на производот, објаснува Крсманчиќ.
Инаку, на оваа идеја продавачите дошле откако виделе сличен концепт на интернет, за кој мислеле дека ќе биде идеално и практично решение за граѓаните на Србија. Како и машината за кафе, од десната страна на машината можете да купите шише кое чини 20 динари, доколку корисниците не донеле свое од дома. Лево од машината за купување шише се наоѓа машината за млеко во која се ставаат пари. После тоа, вратичката се отвора и може да започне точењето. Сè функционира многу едноставно, велат промоторите.
Граѓаните сметаат дека освен што ќе добијат свежо млеко, млекоматот ќе им помогне и на фармерите да добијат реална цена за својот производ.
