Секоја вратена пратка со македонско овошје или зеленчук од европските граници е сериозен аларм кој ни кажува дека нешто во нашиот аграрен систем не функционира како што треба. Секоја вратена пратка е финансиска штета, но и сериозен удар врз репутацијата на нашиот извоз.
Земјоделецот го штити својот род, но без реално знаење, точни информации и силна поддршка на терен, битката со европските стандарди е однапред изгубена. Наместо само да ја лоцираме вината откако штетата е веќе направена, мора под итно да понудиме системско решение.
Затоа, Агротим упатува јавен повик до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и сите увозници и дистрибутери на заштитни средства за отпочнување на голема, национална едукативна кампања за безбедна употреба на заштитни средства!
Наш предлог :
🔹 МЗШВ: Да ја заврши својата институционална работа, да го организира теренот преку своите подрачни единици и АПРЗ и да ги координира информациите за ЕУ регулативите.
🔹 Увозниците и дистрибутерите : Да се вклучат со своите стручни агрономи на терен и да обезбедат јасни, лесно разбирливи материјали за производителите.
🔹 Агротим: Комплетно бесплатно ја става на располагање својата медиумска платформа, видео продукција и огромен досег на социјалните мрежи за овие едукативни пораки, совети да стигнат до секоја земјоделец!
Оваа кампања е заеднички влог во иднината на македонското земјоделство. Добиваат земјоделците, добива економијата, но најмногу од сè добиваат граѓаните – затоа што секое семејство во Македонија заслужува да купува безбедна, здрава и квалитетна храна за своите најмили. Очекуваме одговор од институциите и бизнис секторот!

