Државниот инспекторат за земјоделство наложи уништување на пратка од 19,3 тони јаболка, откако лабораториските анализи утврдија присуство на резидуи од пестициди над максимално дозволеното ниво.
Пратката првично била извезена од Македонија во Република Бугарија, каде при инспекциски надзор била земена мостра за лабораториска анализа и било утврдено присуство на резидуи на пестициди во плодовите над максимално дозволеното ниво, поради што пратката е вратена и задржана на граничниот премин Ново Село.
Од страна на надлежни фитосанитарни инспектори земена е контролна мостра од истата пратка и испратена е во Државната фитосанитарна лабораторија во Скопје, каде дополнително се потврдило присуството на пестициди над пропишаните максимални граници.
Согласно законските процедури, целата количина е запечатена и упатена на уништување со цел да се спречи нејзино пуштање во промет заради заштита на здравјето на потрошувачите и граѓаните.

