Младите луѓе често се споменуваат во контекст на промени, подобрување и воведување нови перспективи не само во социјална, туку и во економска смисла.
Земјоделскиот сектор би имал голема корист од доаѓањето на млади претприемачи. Со земјоделството често се поврзуваат негативни конотација, па за повеќето млади луѓе, особено за оние кои не живеат во рурални средини, тоа не е прв избор за бизнис кариера. А токму младите можат да придонесат за квалитетен развој на земјоделството. Сепак, тоа не значи дека воопшто нема млади луѓе во земјоделството. Има, но не доволно.
Мал број млади земјоделци во Европска Унија
На пример, според Европскиот земјоделски фонд за рурален развој, во просек 56% од земјоделците се постари од 55 години, а 30% од нив достигнале возраст за пензионирање. За споредба, помалку од 6% од земјоделците се под 35 години.
На овие поразителни статистики влијае и фактот што младите луѓе, особено оние од руралните средини, често емигрираат во потрага по подобар живот во други земји, што има негативно влијание врз севкупниот развој на земјата, а не само врз земјоделскиот сектор.

Од друга страна, младите кои сакаат да се занимаваат со земјоделство се соочуваат со низа проблеми – од административни до финансиски.
Европската Унија, преку различни мерки од Програмата за рурален развој се стреми да ја подобри положбата на младите земјоделци и да го олесни започнувањето и одржувањето на бизнисот.
Ангажирањето на младите луѓе во земјоделството има позитивно влијание на различни области:
-се развиваат руралните средини
-се поттикнува престојот и враќањето на младите во руралните средини
-се поттикнува вработувањето на младите
-се поттикнува развојот и модернизацијата на земјоделскиот сектор
-се поттикнуваат иновации во земјоделскиот сектор.
Младите земјоделци можат да придонесат за развојот на земјоделството поради нивните специфични карактеристики:
-тие полесно ги прифаќаат новите технологии и знаења – повеќе се во чекор со најновите трендови во технологијата
-почесто се одлучуваат да одгледуваат нетипични и профитабилни земјоделски култури
-поактивно учествуваат во донесувањето и креирањето на различни одлуки и сл.
-тие се повеќе свесни за важноста на одржливоста на животната средина.

Има многу примери за одлично искористување на средствата од ЕУ од страна на младите земјоделци.
На пример, во Шпанија, еден млад земјоделец со мерка М 6.1.1. (Поддршката за стартување на младите земјоделци е наменета за младите земјоделци кои планираат да ја преземат фармата од постарите членови. Подобни корисници кои се лица помлади од 41 година и кои не биле носители на стопанството повеќе од 24 месеци.) основал сопствена фарма и отворил дури пет работни места, а двајца Португалци во провинцијата Рибатехо започнале иновативно и еколошки одржливо производство на зелен аспарагус.
И во нашата земја се работи на поттикнување на младите луѓе да се занимаваат со земјоделство. На последниот повик за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, пристигнаа 111 апликации. Од нив 50 апликанти ги исполнија условите за добивање финансиска поддршка во форма на неповратен грант, со вредност до 10.000 евра по корисник.
Овие средства се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и претставуваат иницијална поддршка од државата за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи.
Сите одобрени грантови, се врз основа на добри деловни планови кои имаат развојна компонента, го таргетираат домашниот пазар, користат сопствени ресурси и имаат компонента за модерно производство, со примена на добри земјоделски практики и грижа за животната средина.
