Баварскиот експеримент со сок од кисели краставички против мразот на патиштата наскоро би можел да се прошири како практика низ целата земја.
Проектот започнат во најјужната и најголемата германска покраина Баварија, а кој подразбира употреба на „сок од краставици“, односно течноста што се користи за киселење зеленчук, против лизгавите зимски патишта, предизвика интерес во сојузната покраина Бранденбург во Источна Германија.
Како дел од експериментот, одделот за одржување на патишта во Динголфинг (Долна Баварија) наместо сол користел течност од кисели краставички од локален производител за да спречи формирање мраз на патиштата.
Од течноста од кисели краставички производителот ги вади остатоците од зеленчукот, а добиената солена течност се збогатува со дополнителна сол на 22 отсто. Рециклирањето и малата модификација на саламурата ја намалува вкупната количина сол што се ослободува во животната средина, заедно со негативното влијание врз животната средина.
Иако водата од краставица која содржи сол досега се фрлаше преку канализацискиот систем, таа сега се фрла на патиштата. Во специјален погон водата се пречистува, и се доставува до работниците на патиштата.
Интерес за проектот покажа и управата за државни патишта на Бранденбург.
„Сега ги чекаме резултатите на Баварците од пилот проектот. Секако дека сѐ уште има прашања кои треба да се разјаснат, пред сѐ клучна улога има економската ефикасност“, рече портпаролот на Управата за патишта, Стивен Строј.
„Во Динголфинг, употребата на вода од краставици ќе замени до 1.000 тони сол за патиштата“, потврди Андреас Мајер, шеф на одделот за одржување на патиштата во Динголфинг.
Една локална компанија за краставици дошла на идеја за проектот. Според Мајер, компанијата имала проблем со канализациониот систем во кој се испушта целата вода од краставицата. Така настанала идејата дека по патиштата всушност може да се истура солена вода.
