„Ќе бидеме среќни ако, со нашиот пример охрабриме и поттикнеме некој да се врати на земјата и на земјоделството бидејќи, иако е тешко, со силна волја и желба, резултатите нема да изостанат“, вели 28-годишниот Иван, кој заедно со сопругата Романa успешно ја гради својата приказна.
Иако земјоделството во семејството Томиќ од Бјеловар – Хрватска не е вкоренета традиција, 28-годишниот Иван Томиќ со сопругата Романa решил да се врати на патот кој неговиот дедо одамна го напуштил селејќи се од родната Далмација, во потрага за подобар живот. Тие решиле да произведуваат лук, кој го засадуваат рачно и оваа сезона очекуваат околу еден тон принос.
„Иако имам запослување, односно вработен сум како менаџер во една компанија во Бјеловар, кога бабата на мојата жена ни остави во наследство обработливото земјиште, не се двоумев воопшто, не сакав плодната земја така да стои и да пропаѓа. Како и повеќето млади луѓе од мојата генерација, немав искуство во земјоделството, но бидејќи растев со модерната технологија, интернетот ми послужи како одличен извор за сите потребни информации. Првиот чекор беше запознавање со земјоделските култури, барав нешто што ќе биде лесно за одгледување и така дојдов до лукот “, се сеќава Иван Томиќ на неговите први аматерски чекори како земјоделец.
Откако пред три години, првпат засади лук, тој во септември 2018 година го регистрирал и своето земјоделско стопанство.
Рачното садење наспроти машинското
„Во првата година од работењето, поточно во 2017 година, засадивме околу 90 килограми расад. Садењето и обработка беше целосно рачна. Иако тоа беше нашиот прв „земјоделски зафат“, приносот нè изненади повеќе од пријатно – добивме околу 900 килограми лук. Охрабрени од ова искуство, следната година засадивме 400 килограми расад, но наскоро свативме дека згрешивме, бидејќи мојата сопруга и јас сеуште работевме, и тоа беше премногу голем залак за нас, затоа што беше многу тешко да се балансира помеѓу работата и земјоделството, а најмногу проблеми имавме со штетниците. Покрај тоа, за разлика од првата година кога садевме сè со рака, втората година садевме со машина, а резултатот на тоа беше премногу густо и нерамномерно распределен расад “, вели Иван.
Иако приносот во првата година од 90 килограми расад беше 900 килограми, во втората година од 400 килограми расад, добивме 800 килограми лук, бидејќи најголем дел од посадениот лук останал во земјата поради бујните плевели кои го спречиле растењето.
После ова лошо, но поучно искуство, следната, поточно третата сезона, се вратиле на почеток и повторно се засадувале рачно.
„Рачно засадивме околу 130 килограми расад и оваа сезона се надеваме дека приносот би можел да биде околу 1 тон. Садевме на поголемо растојание со што се олеснува приодот до растенијата при обработувањето на земјата. Лукот го третираме само со препарати кои се одобрени од Министерството за земјоделие и се придржуваме до сите препораки околу дозирањето. Во сезоната на садење и берба на лукот, пријателите и роднините ни доаѓаат да ни помогнат. Љубовта кон оваа работа е голема , исто како и желбата да произведеме здрав домашен лук, но поради недостаток од време, ќе останеме на овие 100 килограми расад “, вели Иван.
Целата количина лук е распродадена до средината на октомври
Тој посочува дека нема проблеми со продажбата на лукот и дека го продава целокупниот род со само две или три одења на пазар. „Го продаваме целиот лук до средината на октомври. Првично се обидовме да продаваме преку трговските ланци на големо, но набргу се откажавме од ова поради многу лошите услови и ниските цени. Сега, со неколку одења на пазар, го продаваме целиот лук, продаваме и преку социјалните мрежи, а исто така практикуваме продажба и од куќен праг “, велат овие млади луѓе.
Како целосни аматери и лаици, храбро се впуштиле во земјоделството и покрај проблемите, ги откриле и многубројните убавини на овој бизнис. Жално е, но треба да се каже дека има толку малку млади луѓе заинтересирани за земјоделство.
Би сакале со својот пример да ги охрабриме младите луѓе.
„Занемарливо мал е бројот на млади семејства кои се охрабриле да одат во оваа насока, сами да го финансираат сопственото производство и да се борат на пазарот за да создадат нешто самостојно во својот живот. Би биле среќни ако успееме да охрабриме некого да се врати кон земјата и земјоделството затоа што, иако е тешко, со доволно волја и желба, резултатите не изостануваат “, вели 28-годишниот Иван Томиќ, порачувајќи им на младите:
„Ако имате обработливо земјиште или можност да се занимавате со земјоделство, не се двоумете, посветете се на овој бизнис, придржувајте се до препораките и стручните совети, инвестирајте во маркетинг и успехот ќе биде загарантиран!“
Извор:Агроклуб
Напишете коментар