Калата (Zantedeschia sp.) е по потекло од Јужна Африка. Нејзините спектакуларни цветови со богати бои воодушевуваат со својата софистицираност. Имаат пријатен мирис и се многу популарни во цветните аранжмани.
Калата цвета во широк спектар на бои, од бела, светло розова до темна бордо боја, додека хибридите можат да бидат жолти, портокалови, па дури и црни… Листовите се сјајни и мазни. Калата достигнува височина помеѓу 30 и 75 см.
Одгледување на отворено
И годи сончево место или делумна сенка, почва богата со хумус, добра дренажа. Почвата треба да се одржува влажна, но исто така треба да се внимава да не дојде до скапување на коренот. Идеална температура за калата е околу 26 °С. При температури пониски од 10 °C, растенијата преминуваат во стадиум на мирување. Во потоплите области, калата може да ја преживее зимата, но во постудените, ризомите треба да се извадат од земјата и повторно да се насадат напролет.

Ризомите се вадат пред првиот мраз и се чуваат на температура од 10 до 15 °C, на суво и темно место, а се садат дури откако ќе помине опасноста од мраз, па затоа калата може да се третира како едногодишен растителен вид.
Ризомите се садат на длабочина од 10 см и на растојание од 30 см, а потоа треба да се навадат. Се препорачува малчирање за да се спречи растот на плевелот и да се зачува влагата на почвата.
Две недели по садењето, треба да се појават првите пупки. Во зависност од сортата и времето на садење, цветањето треба да биде по 12 до 16 недели.

Цветаат во средина на летото и во рана есен, а цветањето трае околу 3 до 8 недели, што зависи од температурата, разновидноста и количината на осветлување.
Целосно отворените цветови се сечат со ножици наутро или попладне, и можат да останат во вазната долго време, до околу 2 недели. По цветањето, отстранете ги овенетите цветови, а оставете ги листовите. Така со фотосинтеза ќе соберат доволно сончева енергија за да овозможат хранливи материи во ризомот за следната сезона.
Калата се размножува на пролет, со делење на ризомот. Со текот на времето, калата ќе формира групи ризоми кои можат многу лесно да се поделат на помали делови. Сеење семе е исто така можно, но не е вообичаено.
Одгледување во затворени простории
Грижата за калата во затворен простор е слична како и грижата на отворено. Ризомите се садат во растресит супстрат, богат со хранливи материи. Неговата влажност треба да биде постојана, бидејќи подлогата во саксиите се суши побрзо од почвата на отворено. Внимавајте на појавата на вошки. Прихраната треба да биде во текот на цветањето за да се стимулира растот на цветовите. Во есен, намалете ја количината на наводнување и оставете да овенат листовите, па отстранете ги овенатите цветови. Ова ќе го донесе ризомот во стадиум на мирување, кој треба да трае неколку недели. Кон крајот на зимата, засадете ги ризомите во супстрат со редовно наводнување за да поттикнете нов раст.

Кога ќе забележите дека саксијата е премногу тесна, тогаш е време за пресадување. По пресадувањето, одржувајте ја подлогата влажна.
Калата е отровна за луѓето и домашните миленици ако се проголта. Симптоми на труење се иритација на устата, тешкотии при голтање и повраќање, па затоа во овој случај потребно е да се посети лекар или ветеринар.