Идилично е да се гледа како пчелите летаат од цвет на цвет и собираат нектар, но многу растенија не се погодни за пчелна паша. Кај пчелите собирачки, кога ќе соберат отровен нектар, се јавува нектарна токсикоза.
Затоа, пчеларите треба да бидат свесни кои растителни видови предизвикуваат труење, а се верува дека растенијата од 35 фамилии произведуваат нектар кој е отровен.
Отровни растенија
Лутичињата делуваат безопасно, но можат да направат голем проблем во пчеларството. Во 2021 година, во текот на пролетта недостасувале цвеќиња од други растителни видови. Пчелите летале, немало паша, но можело да се пронајдат цветови на лутиче. Поленот од овој вид содржи токсична, испарлива супстанција анемонол.

Пчелите ги избегнуваат лутичињата. Меѓутоа, кога се гладни, можат да соберат и полен и нектар од цветовите на лутичето. А кога ќе се затрујат, ја губат способноста за летање, кружат по земјата во близина на кошниците, крилјата им се раширени, а стомакот намален. После ваквите појави, во близина на кошниците може да се најдат мртви пчели. Во овој случај, пчелната заедница слабее поради недостаток на протеинска храна.
Високиот делфиниум често се одгледува како украсно растение. Не е погоден како извор на полен и нектар поради токсичност. Цвета во текот на летото. Нектарот се излачува во големи количини и е лесно достапен за пчелите. Имало и случаи на труење на пчели кои собрале полен и нектар од раната (крупнолисна) липа. Понекогаш можеме да видиме голем број од овие инсекти под стеблата кои ја изгубиле способноста да летаат и забрзано се движат. Токсикозата завршува со нивна парализа.

Труењето на пчелите од див костен се јавува почесто во суво време. Видот е отпорен на суша и содржи мешавина од сапонини. Поленот и нектарот се отровни. Труењето е придружено со опаѓање на влакненцата, агресивност и губење на способноста за летање. Болните пчели се исфрлаат од кошниците, а кога леглото се храни со полен од див костен, тоа изумира. Младите пчели често се деформирани, немаат нозе и крилја и се поситни од здравите.

Различни видови билки содржат алкалоиди, атропин. Труењето со овие растенија предизвикува изразена агресија кај пчелите, напаѓаат животни и луѓе. Еден дел од нив не можат да летаат, а може да добијат парализа која трае 10 до 15 минути. Последиците од труењето траат и до 10 дена, а не може да се предвиди како тоа ќе се одрази на заедницата. Некои изумираат, а некои излегуваат по труењето ослабени. Кога ќе се извади капакот од кошницата во периодот на труење, тие знаат да се нафрлат на пчеларот. Отровите остануваат во саќето и по вадењето на медот.
Едичот е исклучително отровен. Неговите супстанции делуваат на нервниот систем на пчелите и предизвикуваат парализа на нозете и крилјата. Во случаи на труење, можеме во близина на кошницата да најдеме голем број пчели што се движат по земја. Тие ќе угинат од глад, студ и непријателски напади. Ако ги соберете затруените што побрзо, ставете ги на топло место и посипете ги со шеќерен сируп, ќе закрепнат. Во близина на кошницата ќе се појават само дел од затруените и тие се претежно млади, бидејќи се трујат од медот што го носат постарите работнички.

Како да се спречи нектарска токсикоза?
За да ги зачувате, неопходно е да се уништат отровните растенија во близина на кошниците со пчели, бидејќи ќе ги посетуваат кога нема да има други растенија што произведуваат нектар. Исклучително е важно да се избере добра локација за пчеларниците и за садење на медоносни растенија. Колку е поразновидна пчелната паша, толку е помала веројатноста дека пчелите ќе летаат до токсичните билки.
Од нектарот на некои растенија пчелите прават „пијан мед“. По консумирање на таков мед, луѓето може да доживеат дијареа или повраќање, грчеви во екстремитетите, чешање, нарушена срцева активност, слабеење на телото. Интересно е што таквиот мед е апсолутно безопасен за самите пчели.
За пчелите опасни се и растенијата чии цветови можат да бидат стапица.
Тука спаѓаат ориенталниот и градинарскиот афион и сите оние кои брзо се затвораат, а се доволно големи за да ги заробат пчелите кои умираат од студ во текот на ноќта или се опиени со испарливи состојки.
Цветовите од липа, особено сребрените, можат да бидат стапица бидејќи пчелите се лепат на нив со слаткиот нектар. Мирисот на липа може да биде погубен за нив бидејќи паѓаат зашеметени и лесно настрадуваат. Ако го преживеат падот, се опоравуваат по неколку минути.
Интересно е што хељдата може да делува на слабеење на пчелната колонија. Нектарот од хељдата има многу несварливи материи и нивниот дигестивен тракт се преоптоварува. Ова може да предизвика угинување и слабеење на заедницата.
Извор: agroklub.com
