Оптималната температура за раст и развој на виновата лоза се движи од 25 до 35 °C. Високите температури можат да предизвикаат значителни штети во лозовите насади. При температури над 35 °C физиолошките процеси во лозата се забавуваат, а при екстремни температурни услови може да се предизвикаат сериозни оштетувања на растението, бидејќи клетките не можат нормално да функционираат.
Високите температури најчесто се придружени со ниска влажност на почвата и воздухот, па доколку ваквите услови траат подолг временски период, може да дојде до оштетување на поединечни органи, а потоа и до сушење на лозите.
Температурите над 35 °C, а особено оние над 40 °C, можат да предизвикаат трајни последици кај виновата лоза, слично како и ниските температури под нулата. При вакви услови листовите се свиткуваат, ја губат својата зелена боја, се сушат и предвремено опаѓаат. На бобинките најпрво се појавуваат оштетувања од силното сончево зрачење, а потоа поради губење на вода, тие дехидрираат ја губат својата цврстина и можат целосно да овенат.
За ублажување на последиците од високите температури, потребно е почвата да се одржува во добра состојба за да се зачува почвената влага. Навременото отстранување на вишокот леторасти ја намалува транспирационата површина и непотребното губење на вода од растението.
Во периоди на екстремно високи температури, особено кога тие надминуваат 38 °C, не се препорачува изведување на ампелотехнички и агротехнички мерки во лозјето, бидејќи може да се оштети природната восочна обвивка на бобинките, на местата каде што обвивката е оштетена, при директно изложување на сонце брзо се појавуваат оштетувања кои не само што го намалуваат квалитетот и изгледот на грозјето, туку создаваат и поволни услови за развој на сиво гниење.
Една од најважните мерки за намалување на негативното влијание од високите температури е навременото и рационално наводнување особено во фазата на прошарок и зреење на грозјето, со кое на виновата лоза ѝ се обезбедуваат доволни количини вода и се намалува ризикот од појава на воден стрес.
Извор: Агрометео
