Во периодот на зреење на грозјето, една од најважните одлуки за лозарите е правилното определување на моментот за берба. Времето на бербата има директно влијание врз приносот, квалитетот на грозјето и неговата понатамошна преработка. Затоа, грозјето треба да се бере според степенот на зрелост и неговата намена.
Одредувањето на зрелоста е особено важно кај винските сорти, бидејќи составот на грозјето во моментот на бербата во голема мера го определува квалитетот и карактерот на идното вино. Од најголемо значење се содржината на шеќери и вкупните киселини во грозјето. Најважни показатели за зрелоста се содржината на шеќери и киселини. Со зреењето содржината на шеќери се зголемува, додека киселините постепено се намалуваат. Кај винското грозје, оптималниот момент за берба е кога е постигната соодветна технолошка зрелост, односно најповолен однос помеѓу шеќерите и киселините за посакуваниот тип вино. Кај трпезното грозје, покрај содржината на шеќери и киселини, важни се и изгледот на гроздовите, бојата, цврстината на бобинките, вкусот и аромата.. Зрелоста може да се следи со органолептичка процена, но за попрецизно определување се користат рефрактометар или шираомер за мерење на шеќерите, како и лабораториски анализи за шеќери и киселини. Препорачливо е мерењата да се повторуваат во текот на зреењето за да се следи промената на овие показатели. Бербата најдобро е да се изведува во суво и и стабилно време, во раните утринските часови, со што се намалува загревањето и оштетувањето на грозјето. При берењето треба да се избегнува гмечење на бобинките и да се отстранат гнилите и оштетените гроздови, како и листовите и другите нечистотии.
По бербата, грозјето треба што побрзо и внимателно да се транспортира до местото на преработка, особено при повисоки температури, за да се зачува неговиот квалитет. Навременото определување на бербата на грозјето е од големо значење за зачувување на квалитетот односно добивање квалитетна шира и вино.
Извор: Агрометео
