Одгледувањето пилиња и кокошки за производство на јајца стана интересно за време на актуелната криза, без разлика дали сакате да го правите тоа аматерски или професионално. Не е лесно и треба да се подготвите за да бидете успешни во овој бизнис.
Најдобро е младите, еднодневни пилиња да се купат во периодот од крајот на март до крајот на мај. Терминот на купување мора да се прилагоди на временските услови и условите на растење. Еден дел од одгледувачите одгледуваат кокошки во турнуси. Така обезбедуваат подолг период на снабдување со свежо пилешко месо и си ги олеснуваат работите околу колењето и замрзнувањето на месото за залиха. Единките со различна возраст треба да се чуваат одвоено.
Услови за размножување
При купување на еднодневни пилиња потребно е да се внимава на нивниот изглед и столицата. Пилињата мора да бидат со еднаква големина, а долниот дел да е чист и сув. Здравите животни се активни, живи, љубопитни и реагираат на звукот.
Пред да ги купите, обезбедете соодветен простор кој треба да биде чист, сув и осветлен. Младите единки се чувствителни на студ и треба да се чуваат на топло. За пилиња до пет дена, неопходно е да се обезбеди собна температура од 32 ° C, а од шестиот до деветтиот ден, постепено се намалува на 28 ° C. Продолжува да се намалува така што до 20-тиот ден од животот треба да биде 25ºC, а потоа да се одржува на вредност од 20 до 24° C.
Догревањето може да се направи со инсталирање на наменски светилки наречени „вештачки квачки“.
Спречете појава на болести
Хигиената е многу важна, а подот или простирката мора да се чистат секој ден. Така се спречува појавувањето на болести. Просторот не треба да биде пренатрупан, затоа што е важно младите да можат непречено да одат, да трчаат за да ги развијат моторните функции. Ова ќе овозможи правилно формирање на коските.
Од вториот месец на старост се пуштаат надвор. Престојот на свеж воздух и додавање зелена храна ќе придонесе за нивното здравје. На кокошките им е потребна светлина за добар раст и развој. Од 18 часа дневната светлина постепено ја намалуваме на 10 часа кога ќе наполнат четиримесечна возраст.
Водата и храната мора секогаш да им бидат достапни. Поилките мора да бидат такви да не дозволуваат водата да се истури и да ги намокри кокошките. Ако стојат влажни, многу брзо ќе се разболат. Почнуваме да ги храниме штом ќе се исушат и ќе почнат да одат. Кога ќе ги донесете дома, мора да имаат на располагање храна и вода.
Денес постојат бројни концентрати стартери за хранење на еднодневни пилиња. Покрај тоа, тие можат да се хранат со мелена пченка, јачмен, пченица или овес и просо. Храната се дава во мали количини и често, по можност на секои 2 часа. Житариците не треба да се мешаат, бидејќи кокошките се пребирливи и ќе јадат само што сакаат. Неопходно е да се додадат витамински и минерални додатоци во водата.
Извор: agroklub.com
