Младите Никола Ќиров од Кавадарци и Марјан Ангелов од Лозово, се предводници на проектот Договорно производство на органска пиперка. На Марјан ова му е втора година во преод, а Никола годинава успешно се приклучи на проектот со 3 ха под органска пиперка, 0,5 ха органски модар патлиџан и исто толку органска зелка.
Нивното производство преку проектот на Агротим и Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е – го следиме од првиот ден, од засејување на леите, подготовка на расадот, расадувањето и сите агротехнички мерки до фазата во која сега се наоѓа пиперката а тоа е берба кај Марјан или фаза на црвенење на пиперката во насадот на Никола.
Никола досега е задоволен од напредувањето на пиперките. Вели дека нема некои поголеми грешки кои би влијаеле на родот или на самото растение и дека органското производство не е тешко, само бара повеќе ангажман особено околу плевењето.
Никола ја потенцира важноста од проектот, особено во делот со стручните совети на терен.
-Ако немаше стручни совети, како прво немаше ни да се нафатиме да ја одгледуваме оваа култура затоа што ја одгледуваме за прв пат, но со стручните совети од страна на советничката за органско производство Ангела Ѓеровска сме задоволни“ – вели Никола.
Минатата година имале лошо искуство со неквалитетен расад, затоа годинава најголемиот дел од расадот го набавија од друг искусен земјоделец за производство на расад, за да бидат сигурни во производството и висината на родот.
Од годинешната реколта сме моментално задоволни, значи работиме во полн ек, пиперот напредува и е во добра фаза. Малку временските услови, тоа што се поголеми температурите пречеа на цветот и на пиперката, но се справивме и со тоа со повеќе вода и моментално пиперот е одличен, и еве започнавме со берба – вели Марјан.
Искуството од лани ни користи многу. Лани бев нов, сега ми е втора година, знам веќе каде се проблемите, каде се маните и ги решивме предвреме, така што оваа година досега сме задоволни и немаме некаков проблем.
Со ова производство ќе продолжиме и во текот на наредните години ако биде како претходната година да бидеме задоволни со откупот, со цената, со плаќањето, со сите тие работи, исто со субвенционирањето да бидеме задоволни и ќе продолжиме да го работиме договорното производство се додека можеме – заклучува Марјан.