Годинава стартуваше проектот Договорно производство на органска пиперка ајварка на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство Ангела Ѓеровска и земјоделски производители од неколку региони.
Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.

Целокупниот процес на производство од расад до берба, цена и предавање на родот во преработувачки капацитет, e следен од страна на Агротим, преку репортажи, изјави на земјоделците, откупувачот, советите за органско производство и сите потребни агротехнички мерки.

Исто така, се одржуваат и средби со земјоделците каде се разговара за нивниот интерес за овој начин на производство. Денеска едукативна средба се одржа во Велес каде земјоделците од неколку села – Иванковци, Чашка, Виничани и други се информираа за начинот на органското производство.

На секоја нова средба со земјоделците на тема Договорно производство, се повеќе добиваме потврда дека тоа е она што најмногу им одговара. Кога станува збор за органското производство, интересот е уште поголем, како што се сто проценти повисоките субвенции, повисоката цена на производите , а исти или помали вложувањата. Единствено останува уште да ја разбиеме фамата дека органското производство е скапо и деликатно. Тоа годинава ни е целта, а документирањето на целиот процес, од сеидба, до берба и предавање кај откупувач, ќе ни биде доказ повеќе за она што сега само го зборуваме на средбите и ги убедуваме земјоделците. Во секој случај, предизвик е да се биде во овој процес, особено кога сум сигурна дека резултатите нема да изостанат – вели Ленче Николовска од Агротим.
Целта е да се доближи ова производство до земјоделците, да се охрабрат и да се вклучат во овој процес на Договорно производство како најдобро решение за нив, но и за откупувачите.

Органските земјоделски производи како и нивни преработки последниве години се доста барани на европските и светските пазари.
Нашите земјоделци имаат поволни почвено – климатски услови за органско производство, а како поволност се и високите субвенции за ова производство.
Конкретно, доколку се одлучите да произведувате органска пиперка од сортата куртовска капија, тогаш имате 60 000 денари од хектар (за 100% повисоки субвенции од конвенционалното производство кое изнесува 30 000 денари од хектар).
Доколку површината ви е од 1 до 5 хектари, тогаш имате 72 000 денари од хектар.
Ова зголемување е со цел да се зголемуваат површините кај малите земјоделски стопанства.
На оваа сума од 72 000 денари за хектар со органска пиперка куртовска капија, има и дополнителни субвенции од 6 денари (100% повеќе од конвенционално произведени) за предадени во преработувачки капацитет.
Пример, ако предаде 5 000 килограми од хектар, ќе добие плус 30 000 денари. Или заедно со субвенциите по површина вкупно 102 000 денари или 1 700 евра.
Државна поддршка има и за преработувачот доколку е регистриран за органско производство. За преработка на органски производи и органски производи во преод, поддршка до 10% од произведените до максимум од 150 000 денари по оператор.
Исто така, земјоделскиот производител има субвенции од 50%, има и за добивање на сертификат за органски производ.

