Европската унија ја усвои Заедничката земјоделска политика (CAP) за периодот 2023–2027 и истата вклучува годишна земјоделска резерва од најмалку 450 милиони евра. Оваа резерва е наменета за справување со пазарни нарушувања или исклучителни настани што влијаат на производството или дистрибуцијата на земјоделски производи.
Со оглед на зачестеноста на неповолни климатски настани, Европската комисија ја нагласува важноста од зајакнување на алатките за управување со ризици и промовирање на нивната поширока употреба низ целата ЕУ. Покрај тоа, се препорачуваат проактивни мерки за решавање на основните причини и подобрување на отпорноста на фармите во среднорочен период.
Со најновите предлози за поедноставување, ќе биде возможно воведување нови кризни плаќања во рамките на Стратегиските планови на CAP, наменети за земјоделците кои се соочуваат со природни катастрофи.
Денеска, земјите-членки го поддржаа предлогот на Европската комисијата за користење на 15 милиони евра од земјоделската резерва за поддршка на земјоделците во Чешка, Словенија и Германија кои беа погодени од неповолни временски услови и појава на болести кај животните.
Оваа мерка ќе помогне во поддршката на погодените земјоделци од овие земји кои претрпеле огромни загуби. Комисијата предложи да се доделат 7,4 милиони евра за Чешка, 2,9 милиони евра за Словенија и 4,8 милиони евра за Германија.
Во септември 2024 година, Чешка беше погодена од обилни дождови, силни ветрови и поплави кои влијаеа на производството на земјоделски култури, како и на овошје и зеленчук.
Во Словенија, ниските температури во втората половина на април 2024 година имаа влијание врз производството на одредени видови овошје и зеленчук, како и на лозовите насади.
На 10 јануари 2025 година, Германија потврди и извести за појава на болести во сојузната покраина Бранденбург која ги зафати биволите. Како одговор на ова, Германија брзо спроведе низа неопходни мерки за здравје на животните и ветеринарни мерки во согласност со законодавството на ЕУ, вклучувајќи дополнителни ограничувања за спречување на понатамошно ширење на болеста. Беше воведена општа забрана за движење на одредени видови стока низ цел Бранденбург. Овие вонредни мерки, иако неопходни, имаа значителни економски последици за земјоделците во соседните области.
Паричната помош заради неповолни временски услови може да се надополни со до 200% од национални средства. Поддршката за земјоделците кои претрпеле пазарни загуби во контекст на појава на болест кај животните се кофинансира од страна на засегнатата земја-членка. Националните власти треба да ја распределат помошта до земјоделците најдоцна до 31 декември 2025 година во Чешка и Словенија, а до 30 ноември 2025 година во Германија, осигурувајќи се дека земјоделците се крајните приматели на оваа помош.
