Европската комисија го поздравува договорот меѓу Европскиот парламент и Советот за измена на одредени правила за производство, означување и сертификација, како и на правилата за трговија со земји надвор од ЕУ во секторот за органско производство. Изменетите правила ќе им помогнат на потрошувачите да носат поинформирани одлуки при изборот на увезени органски производи.
Договорот предвидува и конкретни измени во правилата за производство и сертификација, со цел поедноставување и унапредување на регулаторната рамка за операторите во органскиот сектор. Овие измени ќе придонесат за поддршка на инвестициите, отворање нови работни места во органскиот сектор и понатамошен развој на земјоделските практики со високи еколошки стандарди.
Ревидираниот регулаторен систем на ЕУ за органско производство и означување, за кој се договорија законодавците на ЕУ, предвидува: Увезените органски производи од земји надвор од ЕУ, кои имаат еквивалентни системи, да можат да ја користат ознаката за органско производство на ЕУ, под услов да ги исполнуваат дополнителните барања на Унијата за производство и контрола.
Продолжување на важноста на постојното признавање на 11 земји надвор од ЕУ во рамките на режимот на еквивалентност до 31 декември 2036 година. Со ова ќе се избегнат нарушувања во увозот и извозот на органски производи додека траат преговорите за трговски договори. Приспособување и поедноставување на условите за подобност за сертификација на малите трговци, како и на групите оператори и нивните членови. Приспособување на одредени правила за сточарско и растително производство, вклучително и оние што се однесуваат на живинарството, добиточната храна, периодот на конверзија и ветеринарните третмани, како и на управувањето со плодноста на почвата во оранжериите.
Политичкиот договор постигнат меѓу Европскиот парламент и Советот сега треба да помине низ формално одобрување од страна на двата законодавни органи. По неговото одобрување, Регулативата ќе стапи во сила наредниот ден по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.

