Бразил во четвртокот стана првата земја што дозволи увоз на брашно направено од генетски модифицирана пченица. Но, малку е веројатно дека овие ГМО сорти развиени во Аргентина ќе се најдат во бразилското брашно поради противењето на мелничарите и тамошните купувачи, наведува Ројтерс.
Во период на висок раст на цените, но и загриженост дека полошите временски услови би можеле да ја загрозат безбедноста на храната, оваа одлука може да поттикне широка глобална расправа за овој вид пченица. Од друга страна, знаеме дека ГМО сојата и пченката одамна се прифатени на светските пазари, но пред сѐ за добиточна храна, а не за човечка исхрана.
Бразилската агенција за биосигурност, CTNBio соопшти дека нејзината едногласна одлука се однесува само на пченичното брашно. Мелничарите се заканија дека ќе ги бојкотираат аргентинските житарки и бараат начини да ја повлечат таквата одлука.
„Важно е да се види што сака бразилскиот пазар. Потрошувачите во Бразил се чини дека не сакаат ГМО пченица“, рече Густаво Идигорас, шеф на аргентинската комора на извозници на жито CIARA-CEC.
Се закануваат дека нема да купуваат од соседите
Бразилската асоцијација за производство на брашно „Абитриго“, соопшти дека ќе побара од кабинетот на претседателот да свика национален комитет за биосигурност за да ја преиспита одлуката. Дополнително се проценуваат и правните можности за укинување на пресудата.
Групата веќе се закани дека ќе престане да купува аргентинска пченица доколку биде одобрена продажбата на пченица отпорна на суша и ќе се обрати до други земји за набавки. Според WORLD-GRAIN, Бразил би можел да го зголеми увозот од Уругвај, Парагвај, САД, Канада и Русија.
„Тоа би можело да значи зголемување на побарувачката за американски житни култури“, рече Арлан Судерман, главен економист за стока во StoneX, додавајќи дека на крајот сè се сведува на потрошувачот и на она што тој е подготвен да го прифати.
Американската организација за развој на извозниот пазар за пченица (USW), која го промовира извозот на оваа култура, претходно соопшти дека ќе ја поддржи комерцијализацијата само по одобрување на главните пазари и создавање правила за ракување со ниски нивоа на ГМО пченица измешана со негенетски модифицирана пченица.
Бараат идентификација на земјоделците кои засадиле ГМО сорти
Само дел од фармите во Аргентина ја тестираа сортата отпорна на суша на 55.000 хектари, а тамошните извозници на житарки побараа од владата да идентификува кои фармери одгледуваат ГМО за да можат да престанат да купуваат од тие области.
Сантијаго дел Солар, кој одгледува жито во аргентинската провинција Буенос Аирес, рече дека конечната одлука останува во рацете на бразилските мелничари и потрошувачи.
„Во ред е што регулаторите рекоа да, но ние продаваме пченица на мелничарската индустрија и на потрошувачите. Ако тие не прифаќаат ГМО, ние сè уште имаме голем проблем“, објасни тој.
До 19 октомври оваа година, Аргентина извезла вкупно 8.424 милиони тони од овој вид житарка, од кои околу 50 отсто одат во Бразил, кој се потпира на својот јужен сосед за најголемиот дел од увозот на жито.
Аргентинскиот фармер Франциско Сантилан, кој исто така ја одгледува во провинцијата Буенос Аирес, рече дека ќе почека да види дали другите земји ќе одобрат увоз на спорната сорта пред да ја посее.
„Мислам дека е разумно, без разлика што ќе прифати Бразил, да почекаме една година за да видиме како ќе се развива ова прашање во другите земји кои купуваат пченица од нас“, заклучува тој.
Извор: agroklub.com
