Само здравите и силни пчелни семејства кои имаат 30-35.000 пчели можат успешно да ја совладаат долгата и студена зима.
Таквите семејства брзо ќе се развиваат и добро ќе ја користат првата пролетна паша. Во другата половина на месецот во секое семејство би требало да има од 6-7 рамки полни легла. Многу е важно повеќето од пчелите кои влегуваат во зимата да потекнуваат од легло кое е положено во август и првата половина на септември. Во текот на зимата пропаѓаат повеќе од 70% од пчелите од јајца положени до крајот на месецот. Важен фактор во секое производно семејство е и младата матица која не е постара од две години, која уште не го искористила целиот свој генетски потенцијал.
Ако е неопходно, не е доцна да се додаде оплодена матица и во другата половина на август, бидејќи пчелите сигурно ќе ја прифатат затоа што ги избркале речиси сите трутови од кошницата. Во овој месец потребно е да се дополнат резервите со храна за зима која би требало да се движи од 20-25 кг по пчелно семејство.
Прихранување со шеќерен сируп
Најдобро е стимулативно прихранување со шеќерен сируп во доцните вечерни часови кога пчелите се во кошница. Пчелите треба да се прихрануваат со толку сируп колку што во текот на ноќта можат да искористат. Од хранилката не смее да тече сируп, бидејќи тоа може да биде причина за грабеж. Истовремено се затвораат сите пукнатини на кошницата.
Внес на нектар
Добрата ливадска паша најдобро ги стимулира матиците за полагање јајца.
На матицата треба да ѝ се обезбедат доволно рамки со квалитетно саќе во кое ќе ги полага јајцата. Ако е потребно, медот од неколку рамки треба да се исцеди или од резервите се ставаат рамки со цветен прав, секако, во случај на добра паша. За добар внес на нектар потребни се обилни летни дождови, кои поволно влијаат на цветање на ливадските и ридските растенија и грмушки.
Нектарот од бела детелина, мајчина душичка, шафран, е одлична храна за пчелите во текот на зимата. Не е секој мед добар за зимска исхрана на пчелите. Тоа важи за медликата, медот од грозје и оние видови кои брзо кристализираат.
Посебно не смее да се дозволи во овој период од годината во кошницата да се најде медликовец, кој треба да се извади и да се замени со „полесни“ видови на мед. Најважно е тој да не биде во просторот каде што пчелите ќе се хранат во зимските месеци. Ако ги направиме сите овие потребни операции ќе ја добиеме потребната основа за солиден и добар развој на пчелните заедници за наредната пчеларска сезона.
