Сушата трета година по ред го погоди јужниот дел на Бразил, каде што се наоѓа изворот на реката Парана, која за соседната Аргентина претставува стратешка трговска рута за житарки. Ваква непогода се случува еднаш во сто години, а оваа сезона го намали аргентинскиот извоз на земјоделски производи и ги зголеми логистичките трошоци, пишува Ројтерс.
Аргентина е трет глобален снабдувач со пченка и прв извозник на соја што се користи за хранење на свињи и живина во Европа и Југоисточна Азија.
Нивото на водата е драстично пониско во клучното пристаниште Росарио каде што се остварува 80 проценти од земјоделскиот извоз. Бродовите товарат до 25 проценти помалку товар поради екстремно ниското ниво на вода. Стоката се пренасочува кон други, подалечни пристаништа, што секако ги зголемува логистичките трошоци.
За жал, ова е тренд што метеоролозите предвидуваат дека најверојатно ќе продолжи и следната година. И не само во Аргентина, туку и низ целиот свет.
Имено, овој месец ОН го објави својот извештај за климатските промени, кој беше прогласен за најдраматичен досега. Научниците работеа на тоа дури осум години, и беше истакнато дека штетното влијание на човештвото врз климата е неоспорен факт.
Дали нѐ чекаат екстремни времиња?
Експерите предупредија дека во текот на следните две децении, температурите најверојатно ќе се зголемат за 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, што ќе доведе до големи девастации и екстремни невремиња. Тие, исто така, истакнаа дека не можат да исклучат дека нивото на морето ќе се зголеми до два метри пред крајот на векот.
Тие предвидуваат дека при 1,5°C ќе се засили глобалното затоплување, како и обилните врнежи и поплавите поврзани со нив. Веруваат дека таквите сценарија најверојатно ќе се појават во повеќето региони на Африка и Азија. Средна до голема веројатност се предвидува за Северна Америка, а за Европа средна.
Исто така, почести и/или тешки земјоделски и еколошки суши се проектираат во неколку региони на сите континенти, освен Азија, каде што ќе бидат со умерена веројатност.
Црвен аларм за човештвото
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по објавувањето на извештајот, коментираше дека тоа е црвен аларм за човештвото.
„Емисиите на стакленички гасови од согорување на фосилни горива и уништувањето на шумите ја задушуваат нашата планета и ставаат милијарди луѓе во непосредна опасност. Глобалното затоплување влијае на секој регион на Земјата и многу промени стануваат неповратни. Овој извештај мора да биде посмртно ѕвоно за јагленот и фосилните горива пред да ја уништат нашата планета“, порача Гутереш.
Извор: agroklub.com
