Во Новаци вчера се одржа третата трибина од кампањата за договорно производство на пченка во организација на Агротим, компанијата „Голд Ланд“ и Земјоделското здружение – Современо земјоделство.
Според дебата која се водеше, прашањата на земјоделците и излагањето на условите за откуп кои ги нуди откупувачот, може да се заклучи дека средбата беше конструктивна и поддржана од страна на земјоделците од Општина Новаци.
Сите производители беа согласни дека договорното производство е најдоброто решение за нив, особено за условно кажано, помалите земјоделци на кои им треба некој вид на здружување за да може да бидат конкурентни и да им се исплати производството.
Во таа насока, на средбата се разгледуваа сите опции околу начинот на откуп, поддршка од страна на големите производители, мини откупен центар за пченката од овој регион и крајно затворање на процесот со носење на пченката во Компанијата „Голд Ланд“ во село Славеј, Прилепско.
Што се однесува до најважното за нив, цената на пченката, едногласни беа во ставот дека им одговара тоа што го нуди откупувачот, во договорите да пишува дека цената ќе биде берзанската во време на откупот, а исплатата истиот ден.
Кампањата за договорното производство ќе продолжи со потпишување на првите договори на земјоделците и компанијата откупувач „Голд Ланд“ , за што ќе информираме преку Агротим.
Но овде не завршува проектот, Агротим ќе продолжи да го следи целиот процес од сеење на пченката, едукација во извршување на агротехничките мерки, жетва, предавање на пченката и исплата од страна на „Голд Ланд“.
На овој начин сакаме сите земјоделци да се уверат во партнерскиот однос што ќе се гради меѓу земјоделците и откупувачот и да се охрабрат за следната година да се приклучат во проектот Договорно производство на пченка.
Целта е заедничка, сигурен пласман за земјоделците, сигурна домашна суровина за откупувачот, зголемено домашно производство за државата. Ваквите проекти имаат значење и за локалниот развој и се во интерес на општината. Тоа вчера го потврди и општината Новаци со безрезервната поддршка во реализирањето на трибината.