Овој метод е комбинација од биотехнички и хемиски третман. Се темели на фактот дека крлежите во услови на прекин и отсуство на легло во пчелното семејство кое се постигнува со затворање на матицата во кафез во период од 25 дена, се наоѓаат на возрасните пчели. Тогаш во пчелното семејство се аплицира оксална киселина со методот на накапување.
ПОДГОТОВКА
При првата употреба на кафезот, кафезот со помош на остро сечило се монтиора на рамка со изграден сот. Препорачливо е рамките со монтирани кафези претходно да бидат подготвени со што примената на методот ќе биде поедноставна и побрза.
ПРВ ЧЕКОР
Прво пчеларот треба да ја пронајде матицата во пчелното семејство, а таа полесно се пронаоѓа доколку е обележана.
Потоа матицата внимателно се внесува во монтираниот кафез.
Рамката со кафезот се поставува на централната позиција во пчелното семејство.
За поедноставна и побрза работа при следното отворање на кошницата, рамката со кафезот треба јасно да се обележи.
ВТОР ЧЕКОР (25 дена подоцна)
25 дена од затворањето на матицата, кафезот се отвора и матицата се ослободува. Сега, бидејќи во пчелното семејство нема легло, крлежите се наоѓаат на возрасните пчели, со што се постигнува поголема ефикасност на оксалната киселина.
При аплицирање на оксалната киселина, потребно е да се следат препораките за заштита при работа.
Со методот на накапување, оксалната киселина се аплицира во просторот помеѓу рамките, но директно над пчелите.
Со правилна и редовна примена на методот затворање на матицата во кафез, се постигнува ефикасен третман за контрола на вароа деструктор во летниот период, со што се обезбедуваат услови за успешно зимување и пролетен развој на пчелните семејства во следната сезона.
Ова видео е практичен приказ на методот „Затворање на матицата во кафез“ кој е дел од прирачникот за „Алтернативни методи за контрола на Varroa destructor во пчелните семејства“.