Марија Рибичиќ од Грабарје, Хрватска, уште во 2015 година ја освои титулата за најпримерна хрватска селска жена, а шест години по прогласувањето сè уште ги држи сите конци на семејната фарма.
„Се занимаваме со полјоделство, сточарство и производство на сирење. Тоа го работиме околу 20 години“, изјави таа за Земјоделската телевизија.
Имаат околу 70 говеда, од кои 25 се молзни крави. На дневна основа нивните крави даваат околу 500 литри млеко, а процесот на молзење им го олеснува млеководот. Во најголем дел, ова семејство преработува сирење во нивната мини фабрика за сирење.
„Имаме сирење со семки како сусам, лен и тиква. Потоа со власец, лута мелена пиперка и правиме чадено и свежо“, ја претстави таа палетата на производи.

Домашни се и додатоците во сирењата што ги прави Марија, купени на селски имоти, а некои од нив, како власецот, ги одгледува и самата. Марија открила и колку млеко е потребно за да се направи едно сирење, но и како изгледа процесот.
„За едно тврдо сирење кое тежи околу еден килограм, потребни се седум до осум литри млеко. Внатре влегува само сол, сириште или оцет, а додатоци нема“, вели таа и додава дека целиот производствен процес трае пет до шест дена.
Нејзе омилено сирење ѝ е тоа со семки, а вели дека многу млади го купуваат затоа што е необично.
Ова семејство своите производи ги продава првенствено на куќниот праг и на саеми.
Показател за нејзиниот успех се многубројните клиенти кои секогаш со задоволство се враќаат по нејзините производи.
