Втора година по ред продолжува проектот на Агротим и Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.– „Договорно производство на органска пиперка“ заедно со советници за органско производство, земјоделци и преработувачи,
Тоа што лани беше пилот проект, испитување на можности и перспектива, се покажа како успешно завршена работа и одлична основа за да се продолжи со органско во преод втора година и конечно следната година да имаме сертифицирани органски пиперки за кои преработувачите плаќаат висока цена.

За земјоделците висината на субвенции е секако 100 % поголема од производство на конвенционална пиперка, 6 денари од преработувачите и 50% платен сертификат од страна на државата.
За преработувачите е најважно да го поддржат овој процес до сертифицикат органски пиперки од кои ќе произведат органски ајвар, баран на странските пазари.
Успешноста на проектот е благодарение на поддршката од Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма со што се обезбеди одржливост на идејата и проектот и доаѓање до резултати со кои се зголемува домашното органско производство.

Годинава покрај производството на органска пиперка, со дел од учесниците во проектот се склучија договор со компанијата „Ларс“ и за одредена количина на органски модар патлиџан, исто така потребна суровина за производство на ајварот.

Агротим, покрај мисијата во изнаоѓање на нови земјоделци и површини под органски пипер, како и соработка со земјоделците кои лани имаа органско во преод 1 година, поготвуваме и едукативен материја за начинот на производство на органска пиперка. На крајот од сезоната ќе го имаме документирано целиот процес со сите агротехнички мерки.
Целта ни е да покажеме дека органското производство не е ниту комплицирано, ниту помалку приносно или поскапо, туку само поинаков начин на третирање на културите, исто или поефтино во производството, со висок и квалитетен принос.

Новата сезона ја започнавме со подготовката на леите и засејувањето кај Марјан и Фросина во Лозово пред неколку недели.
Овој пат производството на расадот го следиме кај нашиот нов член во проектот Никола Киров од Кавадарци, кој планира да засади 3 ха под органска пиперка.

Со оглед дека Никола е нов во градинарското производство, подготовката на расадот ја дал на искусен земјоделец од село Сирково, Гоце Саздов кој е специјализиран за производство на расад од земјоделски култури, особено пиперки.

Прво што ни покажа беше разликата меѓу леите насеани со органска пиперка ајварка и расадот кој се одгледува на конвенционален начин. Разликата е евидентна во корист на органскиот расад, за што Саздов беше многу задоволен.
-Производството на расад за органска ајварка е поразлично од производството на конвенционален начин поради третирањето со органски препарати и рачното плевење. Овој расад откако поникна се полива, го третиравме против пламеница, инсекти и други штеточини. Користиме „Панамин“ тоа е воедно и прихрана и заштита, евтин препарат кој дава големи резултати, што може ведаш да се види колку добро напредува расдот, а воедно и да се направи разлика – вели Саздов.

Сега се очекува уште десетина дена време да порасне за да може да се расади.
– Постојано го надгледуваме, поливаме, заштитување со цел да продолжи вака да се развива. Многу сум задоволен од тоа во каква состојба е, расадот е „прва лига“ ни рече Саздов и додаде дека откако ќе поникне расадот за околу 1 месец ќе биде расадот подготвен за расување. Годинава ќе биде и покасно за 10 дена заради временските прилики.


Пред да си одиме, го видовме и расадот со органски модар патлиџан и органска зелка. И тие се третираат исклучиво со органски препарати и засега се во добра кондиција.


Сега на земјоделците им посакуваме да ги послужи времето и да имаат успешна реколта.
Следете не, едуцирајте се и размислувајте следната година да се приклучите во проектот „Договорно производство на органска пиперка“.

