Карфиолот претставува зелјесто зелково растение со пријатен деликатесен вкус. Содржи големи хранливи материи, мали калорични вредности, или на 100 гр хранлив дел содржи 25 калории. За исхрана се употребува цветот кој е доста збиен во главица која е премногу богата со витамин Ц. Содржи протеини, растителни масла, шеќери, минерали (калциум, калиум, фосфор, сулфур, железо). Меснатата средина на карфиолот претставува збиени цветови во облик на главица, а покрај неа се шират зелени и крупни листови. Карфиолот наменет за употреба во свежа состојба треба веднаш да се користи бидејќи е склон на брзо расипување или гниење. Тешко сварлив е за човечкиот организам, бидејќи содржи доста целулоза или 0,91 %. Карфиолот се користи во свежа состојба, смрзнат, закиселен.
Бидејќи припаѓа на фамилијата зелки, условите на одгледување се доста слични во текот на целиот период на одгледување. Се засадува во различно време во годината посебно после опасноста од касни пролетни мразеви. Ако се засади во многу топли и сончеви периоди тогаш доаѓа до пожолтување на плодот и тој има горчлив вкус. Кај нас претежно се одгледува за во касните есенски денови кога температурата е пониска за разлика од летниот период. Семето на карфиолот треба да биде засеано во затворени простории или леи кои треба во почетокот да бидат доста засенчени посебно во текот на поникнувањето каде што е и најосетлив. Расадот редовно се надгледува во текот на вегетацијата или се полива, се заштитува, се прихранува и мора да нагласиме дека е доста осетлив на недостатокот на елементот бор.
Растенијата кога ќе добијат висина од околу 15 см или после 3 – 4 недели се засадуваат на стално место на растојание од околу 50 см. Пред засадувањето се отстрануваат првите два листа кои се формирани најниско и се засадува во веќе добро подготвената површина. Таа треба да биде средно пропустлива, богата со хумус и хранливи материи и во текот на производството се внимава на заштитата и потребните агротехнички мерки како наводнување, прихранување, окопување и т.н.

Кореновиот систем е жиличест во форма како кај зелката. Стеблото кај младите растенија е зелјесто во долниот дел здрвенето цврсто и дебело во висина од 20 – 30 см. Листовите се собрани во листна розета овално издолжени. Оптималната температура за пораст и развој е 15‐180 C во текот на денот, и 12‐150 C во текот на нокта. Карфиолот бара големи количини на храна и хранливи материи во текот на вегетацијата.
Што се однесува до сортите, некои сорти при формирањето на плодот се отворени и поради белата боја на главицата бараат да бидат покриени одозгора со на пример некој страничен лист од самиот карфиол, додека во поново време се користат исклучително хибридни семиња, сорти кои околу самиот цвет –плод имаат директно обвиткани листови од карфиолот и тие не дозволуваат плодот да добие жолтеникава боја која што не е адекватна за самиот хибрид. Во зависност од видот – сортата на карфиолот, бербата се врши кога ќе се добие во пречник од 15 – 30 см или од 0,5 – 2,0 кг. Многу важно е бербата на карфиолот да се изврши пред да се отворат цветовите.
Плодот е со тркалезна или сплосната форма. Ако во случај пупките од цветовите бидат отворени во време на бербата, тогаш карфиолот губи од својот квалитет и вкус. Кога се бере карфиолот коренот треба да биде отсечен што поблиску до главицата. Карфиолот стасува за берба за околу 60 дена од сеидбата на стално место. Пакувањето траба да биде внимателно и во соодветна амбалажа.
АПРЗ
