Доцните пролетни мразеви погодија многу овоштарници и лозја, се очекува значително намалување на приносот поради овие студени бранови, кои се појавија по период на повисоки температури и интензивен развој на културите. Во периодот на мирување, лозата може да издржи температури и од -15°C до -20°C во зависност од сортата. Меѓутоа, откако ќе започне пукањето на пупките, растението станува многу почувствително на ниски температури.
При појава на мраз, младите изданоци се оштетуваат, се сушат и изумираат. Поради тоа, приносот значително се намалува, иако штетите не мора секогаш да бидат целосни. Доколку временските услови се подобрат, со доволно влага и поволни температури, можно е повторно активирање на резервните пупки и обновување на растот. Сепак, сушењето на првите изданоци негативно влијае врз понатамошниот развој и продуктивноста на лозата. Бидејќи лозата веќе ги искористила резервите на скроб и азот за почетниот раст, растението располага со помалку енергија за повторно формирање на нови изданоци. Ова директно влијае врз виталноста на лозата и идниот принос. Во вакви услови, правилното ѓубрење и примена на биостимулатори можат да помогнат во закрепнувањето на растението и подобро одржување на претстојниот период на цветање и формирање на плодови.
Во прилог е прикажана динамиката на резервите на скроб и азот, како и промените на сувата маса кај лозата во различни фази од развојот. Графиконот покажува дека лозата троши значителни резерви на скроб и азот во периодот на отварање на пупките и почетниот раст, што дополнително го отежнува закрепнувањето по оштетувања од доцни мразови.

Извор – Агрометео
