Осите и стршлените ако се појават во поголем број можат да предизвикаат и поголеми штети на пчеларникот. Зголемувањето на бројот на овие инсекти е карактеристично за вториот дел од летото и почетокот на есента. Тогаш ги напаѓаат пчелните семејства и зависно од бројот на напаѓачи и силината на семејството, можат дури и да го совладаат и целосно да го уништат семејството. Ако тие се цврсти, по правило се одбрануваат и нема поголема штета. Борбата против овие инсекти почнува практично уште од почетокот на пролетта.
Можат да се користат спрејови и инсектициди. Уништувањето со оган, што не е редок случај, треба да се избегнува поради опасност од пожар. Без оглед дали се користат спрејови или инсектициди, треба прво да се заштитите од овие средства, но паралелно со тоа треба да се преземат и мерки на заштита од наведените инсекти. Ако непосредно при уништување на гнездата се пристапува недоволно сериозно и без вистинска заштита, последиците можат да бидат некогаш и многу опасни, особено ако тоа се прави на стршлените. По правило уништувањето е поефикасно ноќе бидејќи тогаш сите инсекти се во гнездото.
Другиот начин на борба со овие инсекти е поставување на стапици. Тоа обично се прави така што пластично шише до половина се полни со пиво или со изгмечено грозје. Кога ќе започне вриењето, мирисит кој се шири ги привлекува осите и стршлените, но не и пчелите. По влезот во шишето (низ мал отвор кој се прави претходно) инсектите по правило не се снаоѓаат да излезат и на тој начин угинуваат. Ако инвазијата е голема, треба да се контролираат поставените шишиња и повремено да се празнат и да се обновува стапицата.
Уште еден начин на уништување на оси и стршлени е парче риба да се напрска со инсектицид. Со жица или коноп се врзува на некое дрво над пчеларникот.
Осите и стршлените брзо го чувствуваат мирисот на рибата, доаѓаат на стапицата, ги кинат парчињата и ги носат во гнездото. При овој начин треба да се води сметка стапицата да се постави така што до неа да не дојдат мачки или други домашни животни.
На почетокот на есента, зависно од временските услови и температурата на воздухот пчелите сѐ повеќе се собираат во кошница. Истовремено, со заладување но и снемувањето на храна на отворено, поедини животни се обидуваат да побараат засолниште и храна. Кошницата со пчели може и тоа како да послужи за тоа кога е во прашање глушецот. Хранејќи се пред сѐ со пчели, прави штета. Глувците го вознемируваат и го ослабуваат семејството, го оштетуваат восокот, ја валкаат кошницата. Пчелното друштво во кое преку зима престојувал глушец или угинува или излегува од зимата доста слабо и скоро да е невозможно да се подготви да биде продуктивно семејство во следната сезона.
Борбата против овие непријатели на пчелите почнува во времето кога се вади пченката од нивата. Во лето на кошницата се поставуваат лимени или пластични чешли. Со тоа се оневозможува влез на наведените животни во кошницата. Недостатокот на овие мерки е што на пчелите им се намалува можноста на излез и влез во кошницата. Ако се користат чешли треба да се води сметка преку зима да не се затнат од угинатите пчели и со тоа да се оневозможи излегување на пчелите и влегување на свеж воздух во кошницата.
Извор: domacinskakuca.rs
Напишете коментар