Кантарион ( hypericum perforatum) е повеќегодишно лековито растение, кое расте високо од 50 до 100 сантиметри. Има цврсто, аголно разгрането и исправено стебло. Лисјата му се проткаени со многу провидни точки. Тоа се всушност жлезди исполнети со етерично масло, така што листот изгледа како издупчен. Цветовите се наоѓаат на врвот од стеблото и имаат жолта боја. Жолтите цветови имаат по пет ливчиња, а од долната страна имаат црни точки.
Услови за одгледување на кантарион
Кантарионот е повеќегодишно растение и не се практикува во класичниот плодоред, но потребно е да се внимава после која култура може да се сади. Најдобро е за предкултури да се садат видови кои почвата ја оставаат без плевел. Значителното појавување на плевел во првата година може да биде пречка за успешно развивање на насадот.

Кантарионот останува на истата парцела неколку години, така што орањето треба да се направи што е можно подлабоко. Орањето треба да биде на длабочина од 30-40 сантиметри, а потоа треба да се направи и фина подготовка на почвата.
Земјиштето треба да се подготви за есенско садење.Кантарионот најдобро поднесува ѓубриво што се нанесува при подготовката на почвата во количина од 30 до 50 тони на хектар, а минералните ѓубрива се аплицираат непосредно пред садењето.
Може да се одгледува на скоро сите видови почва, освен на влажна и мочурлива. Има големи потреби од топлина па затоа, треба да се одгледува на сончеви и светли парцели.
Берење на кантарионот
Кантарионот се бере во два наврати и тоа со косење, а старите остатоци од стебленцата се отстрануваат. Ова треба да се направи по секое косење за да може нормално да се развиваат новите надземни изданоци.
По првото косење, наводнувањето е задолжително, што им помага на младите стебла да се развиваат побрзо. Растението е зрело за првото косење во јули, а за второто во август, односно за 35-50 дена.
Многу е важно да се напомене дека кантарионот лесно страда од т.н „болест на овенување“, која може да биде со таков интензитет што целосно ќе го загрози одгледувањето.
Помали количини на кантарион може да се остават да се сушат природно на темно место каде што има провев во сноп што не смее да биде подебел од 10 сантиметри.
Сушењето во сушари се изведува на температура од 50 ° С. Сувите растенија мора да ја задржат својата природна боја и својот карактеристичен мирис. Од 4 до 5 килограми свеж кантарион се добива 1 килограм сува маса.

Како се пакува кантарионот?
Од кантарионот се собираат листовите, цветовите, пупките и семето. Најчесто горните врвови на растението се собираат во должина од 15-20 сантиметри, така што тие можат да се врзуваат во снопови и да се сушат под сенка.
Вака исушено, ова лековито растение треба да се искрши рачно и да се спакува во херметички затворена амбалажа изработена од повеќеслојна хартија, картон, дрвени кутии обложени со кујнска хартија, во метални кутии или во стаклени тегли. Од пупките на кантарионот се добива масло кое се пакува во стаклени садови.
Лековити својства на кантарионот
Кантарионот популарно се користи за лекување на исекотини, изгореници, хемороиди, за заздравување на рани, но исто така и како природен антисептик, против болка во црниот дроб, стомакот и така натаму. Измешан со други билки, тој е одличен лек за кашлање и астма. Исто така се препорачува за проблеми со уринарниот тракт.
Чајот од кантарион се пие неколку пати на ден како лек за бројни воспаленија на внатрешните органи. Маслото од ова растение се користи за лекување на рани, исекотини, изгореници и други повреди.
Етеричното масло од кантарион делува против цревни паразити. Фенолните соединенија кои се наоѓаат во кантарионот имаат изразена антибактериска моќ. Кантарионот е добар за лекување на умерена до лесна депресија. Исто така, широко се користи во козметичката индустрија.
Извор: Агропортал
