Во МЗШВ се одржа средба на работната група за договорно производство на сончоглед со министерот Арјанит Хоџа, за продолжување на проектот за зголемено производство на индустриски сончоглед, кој започна пред две години со поддршка на Владата.
На средбата, се потенцираше успешноста на проектот со кој за две години тројно се зголеми производството, односно откупот на сончоглед од страна на откупувачот, прехрамбената индустрија “Кристал 1923“ од Велес.
-Можам да искажам задоволство од поддршката на идејата за поголем развој на договорното производство од страна на Владата пред две години и сегашниот интерес од страна на МЗШВ за продолжување на оваа соработка. Бројките покажуваат зголемување на производството што особено не радува и охрабрува дека следната година ќе биде уште поголем интересот од страна на земјоделците за оваа култура. Годинава нашата компанија го откупи сончогледот по највисока цена во регионот, а до крајот на годинава и целосно ќе биде исплатен на земјоделците, согласно договорот – изјави директорот на “Кристал 1923“, Горанчо Лазов и додаде дека неговата компанија е подготвена за договорно производство и откуп и на соја и маслодајна репка, доколку постои интерес од страна на земјоделските производители.
Со оглед на тоа дека сончогледот е пролетна култура, се сее во март месец, а интересот е голем кај земјоделците во периодот што следи ќе има кампања за што поголема информираност на земјоделските производители.
-Најважна е едукација на земјоделските производители и вистински информации кои ќе им помогнат да се придружат на оваа иницијатива. Веќе имаме двегодишно искуство и задоволни земјоделци кои го предаваа сончогледот во “Кристал 1923“ за да мотивираме што повеќе производители кои ќе имаат сигурност во производството. За таа цел ќе информираме преку платформата Агротим, а ќе одржуваме и средби инфо сесии директно на терен во соработка со советниците од АПРЗ. Во интерес на сите е зголемено домашно производство и повисоки приноси од сончоглед – истакна Ленче Николовска раководител на проектот Агротим.

На средбата беа присутни и директорите на компанијата „Биспромет агроцентар“ и претставници на Асоцијацијата за производство на сончоглед, Ангела Ѓеровска и Никола Петковски, кои исто така ја потврдија успешноста и перспективата на проектот за договорно производство на сончоглед.
-Можеме да потврдиме дека постоеше интерес од страна на земјоделците за сеење на сончоглед, во што бевме најдиректно вклучени преку авансирање на производството. Ние фактички ги кредитиравме земјоделците пред сеидба, а потоа со откупот се раздолжувавме. Имаме одлична соработка со откупувачот и се надеваме дека ќе продолжи овој проект заеднички со МЗШВ- изјави Никола Ѓеровски, директор на „Биспромет Агроцентар“ од Битола.
Министерот Хоџа, ја поздрави иницијативата и даде максимална поддршка на процесот за враќање на сончогледот на македонските ниви, но отвори и можност за поголем развој на договорното производство и за други култури.

-Mе охрабрува ваквиот начин на размислување и делување преку договорно производство бидејќи сметам дека тоа е најдобриот начин за сигурност на земјоделците но и стратешки пристап на државата кон земјоделското производство. На овој начин точно ќе знаеме што и како се произведува и ќе ја димензионираме поддршката која ја дава државата преку директните субвенции но и другите мерки кои ги креираме за зголемено домашно производство. Затоа очекувам овој проект да продолжи успешно да се реализира и да иницираме на овој начин да се организира производство и на други култури, како соја и маслодајна репка за која кај нас има услови за производство – истакна министерот Хоџа и додаде дека во периодот што следи МЗШВ сериозно ќе пристапи кон анализа на состојбата со овие две култури и со еден акциски план за реализација ќе започне земјоделската 2021 година.
