Петнаесет денари за килограм пиперка ајварка, за земјоделците од Пелагонија не е откупна цена, туку загуба и понижување на нивниот труд. Речиси и да нема откуп на пиперката, а она што се презема, се плаќа по цена која, велат, не ги покрива ниту основните трошоци.
„Откуп скоро воопшто нема. Се откупува по мизерни 15 денари, некои со пријатели. Значи практички, откуп нема ни 5% од тоа што треба да биде“, вели Васко Десановски, земјоделец.
Земјоделците бараат откупната цена да биде најмалку 25 до 30 денари за килограм, за да ги покријат трошоците и да им остане минимална заработка. Од Владата бараат да посредува меѓу преработувачите и производителите за да обезбеди побрз откуп.
„Владата може да ги притисне преработувачите во смисла на забрзана преработка на набавената пиперка. Потоа може да ги притисне, исто така, во смисла на навремена исплата, затоа што исплата после две-три години на откупена роба не е исплата“, рече Ваксо Јосифвски, земјоделец.
Земјоделците се жалат дека додека институциите молчат, нивнниот труд скапува по нивите.
„Никој ништо не го интересира. Значи никој за нас не презема ништо, се молчи. Еве сами гледате, ниту на Влада сме спомнати, нити во Собрание. Се занимава со Заев и Филипче, овие другите се занимаваат со Мицкоски, со Левица и со десница, и сето ние овде го трпиме“, вели Тони Рајчиновски, земјоделец.
Дополнителен проблем им се и неисплатените субвенции. Велат дека за 2025 година сè уште не добиле ниту денар од државната помош.
„Нема ниту еден денар од 2025 година, субвенции немаме, нити по засадена површина. Тоа требаше да се исплати одма по Нова година, нема ништо. Другите субвенции што се по килограм, и од нив нема ништо. Беше министерот пред 10-тина дена овде, „ќе изнаоѓаме решение“, ама така остана, само „ќе изнаоѓаме решение“, пиперката скапува по нивите“, рече Јане Камчевски, земјоделец.
Едночасовната блокада на патот Битола – Прилеп, кај Тополчани, денеска предизвика колони возила кои се упатуваа кон Скопје и обратно. Земјоделците велат дека ова е само почеток. Доколку институциите не одговорат на нивните барања за повисока цена, исплата на субвенциите и помош за загубите, најавуваат нови и порадикални протести.
Извор: Телма
