Добра идеја, желба за работа и постојано усовршување – трите главни услови се исполнети во семејниот бизнис „Ри – ле Декор“ на Орце Атанасов од село Пепелиште, Неготинско

Фирмата „Ри – ле Декор“ е позната во Холандија и Германија каде со години продава производи за декорација од дрво, трње, шишарки, стари лозници и други природни материјали.
Идејата ја добил од посета на саеми, почнал скромно, а потоа кога видел дека има интерес започнал да се развива со изнаоѓање пазар и соработници во Холандија и Германија.


Сега фирмата брои 15 вработени, некогаш се ангажираат дополнителни сезонци, направени се погони за обработка на дрвото и другите репроматеријали и буквално не можат да постигнат со работа, порачките им се бројат во илјадници и милиони парчиња.




-Имаме квалитетни производи од кои се задоволни нашите странски купувачи и нарачките постојано се зголемуваат. Ги има во продавниците како готови украси но често и ги доработуваат со свежо или суво цвеќе и други декорации – вели Атанасов и додава дека сега имаат амбиција да го освојат и домашниот пазар.


Еве првата промоција ја правиме преку Агротим да ги запознаме домашните цвеќарници и специјализирани продавници какво домашно производство има во Пепелиште. Освен реклама на производите за нас, поважно и охрабрувачки е неговата идеја за развој на кооперантските односи кои ги нуди фирмата. Тоа го гледаме како можност за поголем рурален развој и токму затоа ваквите семејни бизниси ја имаат нашата поддршка.


-Би сакале да имаме наши соработници во Беровско и Демирхисарско кои ќе вршат откуп на мов, лишаа, шишарки…Има можност за заработка, пласманот ќе им биде решен – вели и додава дека очекува да се јават заинтересирани жители на овие општини, за да реализираат средба и договор. (Телефон за контакт 075 524 -429)



Ваквите семејни бизниси во рурална средина се потенцијални корисници и за средства од ИПАРД2, преку Мерка7 , повик кој се очекува на почеток на следната година.

Неговата идеја е покрај набавка на нови машини за зголемување на продуктивноста на фирмата и изградба и на мини хотел во кој ќе се сместуваат бизнис партнери и странци кои редовно се воодушевуваат од нашите природни убавини.






Руралниот развој е иднината на државата, а ваквите семејни бизниси како „Ри -ле Декор“ од Пепелиште можат да бидат двигатели на селото и целиот регион. Доволно е само да се охрабрат и останатите, можеби да се надмине и менталитетот на нашиот земјоделец, да се започне нешто ново и да не се гледа колку ќе заработи другиот, туку да му се приклучат во бизнисот преку поголем развој на кооперантски односи и заеднички да профитираат.
Пласманот кој е најтешкиот дел во секој бизнис, овде е решен, останува да се зголемува производството, да се освојуваат нови пазари и да се зголеми девизниот прилив во државата. Во оваа мисија очекувана е и поддршкаат од институциите како и странските проекти кои во својата агенда имаат зацртано зголемување на вработувањата и развој на семејните бизниси.


