Во атарот на село Виничани, Општина Градско, Нуредин Делиќ и неговото семејство имаат насадено 7 декари куртовска капија, 10 декари со дињи од сортата Десертна, 3 декари бостан и 3000 корени розов домат.

За нив земјоделското производство не е основен извор на егзистенција, бидејќи имаат друга постојана работа, но сериозноста со која се занимаат со земјоделство и посветеноста, прави да бидат професионалци и тоа на органско производство.

-Ние долги години се занимаваме со земјоделско производство, но откако почнав со органско производство видов дека работата и вложувањата се скоро исти, дури и помали од конвенционалното производство, а заработката е поголема оти овие производи имаат подобра цена- изјави за Агротим, Делиќ.

За пласманот вели дека нема никаков проблем бидејќи сите сакаат да конзумираат здрава храна.
-Ланската година во поголем дел производството ми беше органско и се продадов од нива, од дома или им носевме по нарачка на муштериите на нивната адреса во Велес, Градско, Оризари, а дел и во скопски населени места. Така што воопшто не се плашам каков пласман ќе имам годинава, знам дека за органски производи нема проблем за продажба, а и цените се повисоки – вели Делиќ и додава дека органското производство е нашата иднина како земјоделска држава и треба повеќе да се применува од страна на земјоделците што ќе биде добро и за сите граѓани да конзумираат здрава храна.

