Млеко од алпски кози, иситнета кора од даб, лековити растенија и морска сол, тоа е рецептот за овој квалитетен производ. Ова необично сирење го произведува Момчило Будимировиќ, професор на Вишата земјоделска школа во Шабац, а сега во пензија.
Според него, козата е животно кое природата го создала и му го подарила на светот за да дава фантастични производи кои ние за жал не знаеме да ги користиме. „Поголем дел од нејзините производи ние ги фрламе или им ги даваме на животните. Да речеме, сурутката е можеби најквалитетниот производ кој се добива во процесот на производство на сирење, но најчесто не се користи за тоа што треба“, вели на почетокот на разговорот Момчило Будимировиќ

Тоj вели дека едноставно го искористил она што го дава козата и „го збогатил со вкус и изглед“. Така настанал „Мачванац“ – полномасно, полутврдо сирење со зачински додатоци и дабова кора. Се прави од козјо млеко , на земјоделското стопанство „Будимировиќ“ во село Глушци кај Шабац.
-„Моето земјоделско стопанство е релативно мало, скромно, средено и убаво изгледа. Јас во него уживам и го произведувам она што го сакам. Одгледувам кози со кои убаво се дружам, имам стадо кое брои околу 50 француски алпски кози. Козите од оваа раса се питоми, сакаат да пасат но и да јадат од јасли, даваат доста квалитетно млеко и она што е најважно – не го пренесуваат мирисот на храната што ја јадат на млекото, што е многу важно и при производството на сирење“, вели Будимировиќ.
Во почеток на периодот на лактација, во просек се добива 3,5-4 литри млеко, но како одминува периодот на лактација така и количината на млеко се намалува. Во ноември, завршува периодот на лактација, но се прават залихи на сирење така да го има преку цела година.
– „ Секој ден произведуваме 10 до 15 кг сирење што е количина која може да се продаде. Сирењето главно се продава на пазарот во Белград, а пред се го купуваат елитните ресторани како „Три шешири“, „Франша“… Инаку самото име на сирењето одговара на начинот на подготовка и на квалитетот на добиениот производ. Ова е апсолутно здрав производ бидејќи во него нема адитиви ако ја изземеме кујнската сол“, објаснува тој.
-„Усовршувањето на процесот на производство траеше некои 4-5 години и со многу среќа добивме еден прекрасен производ кој стои рамо до рамо со светските производи во областа на производство на сирење. Ова е чиста манифактура, работа на мал број на луѓе. Процесот на производство на ова сирење, од оној момент кога ќе излезе од заедничкиот сад каде што се засирува, секое парче продолжува да живее свој живот. Секое парче се посолува посебно, секое посебно одлежува во просторијата за зреење, така да се добива уникатен производ“, истакнува Будимировиќ.

И амбалажата е уникатна, дрвена и уметнички нацртана. Спакувано во ваква амбалажа, сирењето оди за продажба на рускиот пазар. Килограм од овој специјалитет чини 1.800 динари(или околу 15 евра), а дека „Мачванацот“ не ги освоил љубителите на козјо сирење само во Србија, туку и во светот, зборуваат и златни медали на саемите Архимед во Москва и Еурека во Брисел во 2008 година.
Извор: аgromedia.rs
