Есента е периодот кога градинарите започнуваат со подготовките на градинарските површини за наредната пролетна сезона. Во овој период се врши сеидба, пикирање и садење на одредени градинарски култури, и затоа е важно навремено да се подготват леите и да се обезбеди доволно количество хранливи материи за правилен раст и развој на растенијата.
Зеленчукот најдобро успева на сончеви и добро проветрени места, каде што нивото на подземните води не е високо. При изборот на градинарските култури потребно е да се направи правилен плодоред и план за сеидба. Најпрво се отстрануваат жетвените остатоци, а потоа се врши ѓубрење со арско ѓубриво, а по ѓубрењето се препорачува длабоко есенско орање на длабочина од 30–35 cm. Во зависност од планираните култури и начинот на одгледување, може да се примени и мулчирање со органски материјали, како слама или суви лисја. Оваа мерка помага во заштитата на почвата од нагли температурни промени, го намалува губењето на влагата и придонесува за подобри услови за презимување на растенијата.
По основната подготовка на почвата, во зависност од културата што ќе се одгледува, се оформуваат леи. Препорачаната ширина на леите е околу 120 cm, со што се овозможува полесно плевење и обработка без газење и набивање на почвата.
Леите треба да бидат правилно оформени и функционални, со висина од околу 10 cm над нивото на почвата, за да се овозможи полесно истекување на вишокот вода при обилни врнежи. Помеѓу леите треба да се остават патеки со ширина од 30–50 cm, за непречено движење и извршување на потребните работни активности.
Најпрво се сеат градинарските култури на кои за ‘ртење и никнување им се потребни пониски температури, од околу 3–5 °C. Во оваа група спаѓаат грашокот, спанаќот, салатата, кромидот и лукот, како и морковот и ротквицата и др. Нивниот развој зависи од температурните услови, а соодветната подготовка на почвата и навремената сеидба придонесуваат за подобро вкоренување и успешно презимување на растенија и добар почеток на пролетната вегетација.
Извор: Агрометео

