Лазо Крумов од с. Горни Подлог – Кочани, спаѓа во групата на млади пчелари во Меден Исток кој со пчеларство започнал да се занимава пред 4 години, кога преку негов близок пријател дознал за тримесечната обука за млади кои сакаат да се стекнат со основни познавања за пчелите.
Моментално одгледува 50 пчелни семејства и има план за проширување на неговиот пчеларник. Околу работата и функционирањето на пчеларникот има огромна поддршка и помош од неговиот татко и чичко кои планираат пчеларството да им прерасне во заедничка семејна дејност.

Лазо е активен член во здружениeто Меден Исток и заедно со другите членови се залага за добивање мед на одржлив начин со мотото: Ние за пчелите, медено за сите!
„Од моето скромно знаење во пчеларството, научив интересни работи за пчелите и нивното огромно значење на глобално ниво. Голема предност имаат сите кои се занимаваат со пчеларство, дали како хоби или професионално, бидејќи низ самиот процес на производство на мед или други пчелни производи сѐ повеќе и повеќе се доближуваме до природата, а со тоа и начинот на размислување за неа – колку е корисна и на кој начин треба да се грижиме за неа. Доколку ние даваме за неа, таа може дупло да ни врати директно на нас и индиректно на секој околу нас.“, вели Лазо.
