На мала фарма јужно од Тирана, магарињата среќно џвакаат сено, додека купувачите трпеливо чекаат во ред , со шишиња во рацете, за да можат да купат млеко од магарица, производ за кој многумина веруваат дека е многу здрав.
Производителите на ова млеко ги привлекуваат купувачите, со тоа што им кажуваат дека млекото од ова тврдоглаво животно е полно со витамини и е одлично за зајакнување на имуниот систем, така што за време на пандемијата, и покрај неговата висока цена, побарувачката за магарешко млеко значително се зголеми во Албанија, чии жители не штедат на производи со кои го зајакнуваат своето здравје, пишува Франс прес.
„Побарувачката за магарешко млеко нагло се зголеми заедно со зголемениот број на вирусни инфекции“, вели 37-годишниот Елтон Кикија, управител на мала фарма во селото Папер, каде десетина магариња пасат слободно на ливадата.
Големата побарувачка на магарешко млеко е добра вест и за самите магариња, кои живеат прилично удобен живот на оваа фарма.

Во Албанија, овие животни најчесто се користат за носење на тежок товар низ албанските ридови и честопати се мета на суров третман: тие се тепани, преоптоварени или седлото им е зариено толку многу во ‘рбетот што им прави длабоки рани.
„Да, тоа е многу нежно животно и за да произведува млеко, треба да му се пристапи со љубов и грижа“, вели Кикија.
Елтон Кикија ја напуштил својата работа како новинар пред две години, за да ја преземе семејната фарма, која е една од двете во цела Албанија каде се одгледуваат магариња поради млекото.
Со цена од 50 евра за литар, може да се каже дека ова млеко е „суво злато“ во земја каде просечната месечна плата едвај достигнува 400 евра.
Сепак, стравот поради пандемијата од корона вирусот, предизвика недостаток од секаква рационалност или штедливост, кога станува збор за ова прашање, наведува Франс прес.
Иако никој не го продава ова млеко како лек против корона, многумина се убедени во неговите лековити својства, бидејќи е слично на мајчиното млеко, па веруваат дека ќе им помогне да го зајакнат природниот имунитет на организмот.
Клеа Јмери, студентка по агротехника, неодамна дошла во Папер, со цел да купи две шишиња од по 250 милилитри од оваа драгоцена течност, и со тоа да им помогне на нејзините родители да се опорават од ковид-19.
„Покрај сите лекови што ги земаат, магарешкото млеко би можело да биде добар природен лек за респираторниот систем“, изјавила таа за Франс прес.
Семејството на Елтон Кикија исто така, дел од магарешкото млеко го користи за производство на сапуни, маски и други козметички производи.
Нивната братучетка Регина Беќири, фармацевт по професија, прави разни смеси. Таа смета дека зголемувањето на побарувачката за овие производи е последица на фактот дека за време на пандемија, луѓето повеќе седат дома и имаат повеќе време да се грижат за изгледот на својата кожа.

Во моментов, на оваа фарма има четири магарици кои очекуваат да добијат млади и четири магарици кои се веќе мајки, имаат млади и даваат млеко.
„Со максимално производство од три литри магарешко млеко на ден, не можеме да ја задоволиме побарувачката“, изјави Кикија, но додаде дека планира да го прошири своето стадо магариња на 100.
Сепак, тоа не е лесен потфат за земја како што Албанија, каде популацијата на магариња се повеќе опаѓа.
Се поголемата миграција од село во град, плус зголемената употреба на механизација во земјоделството, значително го намалија бројот на магарињата во оваа балканска земја.
Според Елтон и неговиот татко Риза (71), чии животни сеуште носат лузни од некогашниот тежок живот, производството на млеко е единствен начин да се заштитат овие животни.
„Ние нашите магариња ги третиравме и психолошки ги рехабилитиравме“, вели Риза Кикија.
Така на пример, Џени е магарица која пристигнала во нивната фарма со повредено уво и со лузни на грбот.
“Беше слаба, тажна, не сакаше да биде со останатите животни. Сега игра, јаде добро, а и нејзиното млеко е добро“, вели Риза.
Овие магариња се исто така омилена атракција на руралните деца, кои доаѓаат секој ден да ги јаваат, да ги хранат и да си играат со нив.

„Таа врска меѓу магарињата и децата е терапија сама по себе“, наведува Кикија.
„Тоа е психолошки лек кој има магични ефекти, и врз однесувањето на децата, но и врз однесувањето на животните“, додава тој.
Извор: rs.n1info
