Зимата е период кога штетниците од природата се појавуваат кај собните растенија. Особено изложени на ваквиот напад се оние растенија кои се наоѓаат во кујната или бањата, односно онаму каде што покрај топлина, има и зголемена влажност.
Сето ова создава идеални услови за зголемување на популацијата на разни инсекти. Обично како непријатели на растенијата во текот на зимата се појавуваат разни пеперутки, лисна вошки, грини, мушички и сл.
Превентивните мерки – докажана заштита
Најдобрата заштита за време на студениот период е редовно спроведување на превентивни мерки. Тие ќе ни овозможат да уживаме во здрави и убави растенија.
Изборот на местото каде што се чуваат собните растенија, снабдувањето со вода и хранливи материи, влажноста на воздухот, квалитетот на супстратот, големината на саксијата, се најважните фактори кои влијаат врз нивното здравје. Растенијата кои се под стрес се подложни на штетници, болести и други проблеми.
Собните растенија, никогаш не треба да се оставаат во мали саксии за време на студените денови, особено ако се гледа дека корените им излегуваат низ отворите на дното на садот. Коренот на мал простор е подложен на гниење и тоа може да доведе до целосно распаѓање на растението.
Сувиот воздух ја поттикнува појавувата на грини
Централното греење е уште еден фактор на стрес кој има негативно влијание кај растенијата, затоа што создава сув воздух со зголемена содржина на прашина, кој ја суши лисната маса. Покрај тоа, ние обично саксиите ги чуваме на прагот од прозорецот под кој најчесто се наоѓаат радијатори. Топлината го суши супстратот и мора да се обрне посебно внимание на водоснабдувањето. Во зависност од квалитетот на подлогата, може да се случи плиткиот површински слој да биде влажен, но подлабоките слоеви да бидат целосно суви. Во таква средина ќе, има оштетување на корењата и овенување. Ова исто така ќе предизвика појава на грини.
Обрнете посебно внимание на снабдувањето со вода на супстратот. Вообичаено е собните растенија да се наводнуваат кога ќе се исуши површинскиот слој, од еден до два сантиметри. Наводнувањето треба да се усогласи со квалитетот и динамиката на сушење на подлогата и потребите за вода на растението.
Со прихраната во текот на зимата не треба да се претерува, особено со употребата на азотни ѓубрива. Премногу азот ќе доведе до прекумерно создавање на деликатни зелени делови кои ќе се издолжат поради недостатокот на светлина. А ваквите млади зелени делови се идеално место за лисни вошки.
Изолирајте ги новите растенија
Проверувајте ја состојбата на собните растенијата најмалку еднаш неделно. Проверете го дрвото, лисјата, цветот, површината на супстратот, состојбата на дното на саксијата и во садот под неа. Често пати, брзата акција ќе значи спас за цвеќето.
Зимата е период кога исто така се купуваат или се добиваат на поклон нови собни растенија. Постои можност со нив да се донесат и некои несакани штетници или патогени микроорганизми. Затоа никогаш не треба новите растенија да ги чувате во иста просторија со оние растенија што веќе ги имате.
Одредете една просторија што ќе служи како карантин за новите растенија. Еден месец е доволен период во кој ќе се покаже дали се здрави, и дека патогените микроорганизми не пристигнале со нив. Сепак ако има некоја инфекција, симптомите ќе станат видливи. На тој начин, ќе ги зачувате веќе постоечките растенија. За време на наводнување и прихранувањето, новите растенија ги наводнуваме и ги прихрануваме последни.
Фолијата ги дезориентира штетниците
За се контролира појавата на штетниците, треба да им се даде предност на механичките, физичките и био-методите. Најдобро е веднаш штом ќе се забележи појава на мала колонија на штетници , цвеќето веднаш да се пренеси во друга просторија.
Мал број штетници може да се отстранат со миење или бришење на лисјата. Ова е најлесниот метод и го користат повеќето од нас. Ако при бришењето се додаде малку течен био детергент за миење садови, течноста со сапуница ќе ги затвори дишните патишта на лисните вошки. Ова решение може да се користи и за прскање на растенија кои биле нападнати од вошки. Третманот се повторува неколку пати се додека не се отстранат целосно. Кај некои видови собни растенија , бришењето ќе има подобар ефект ако се направи со памучна или волнена крпа натопена во алкохол.
Може да се постави и алуминиумска фолија на површината на супстратот и околу растението. Рефлексијата од фолијата ќе предизвика дезориентираност на штетниците.
Исто така можете и да ги откинете лисјата кои се зафатени оа штетници и да ги фрлите но само ако се малку.
Земјоделските аптеки нудат многу производи за заштита на собните растенија, направени врз основа на природни супстанции, како што се минерали.
Можете и сами да направите разни природни препарати со кои ќе ги третирате собните растенија. За нивна подготовка користете масло, лук, чили пиперки, тутун и сл..
Извор: Агроклуб