Во некогашното село Горно Оризари, а сега веќе приградска населба во Битола , речиси и да нема куќа која нема свое парче земја кое го обработува.
Еден од нив е Љупчо Бојчевски, кој веќе 8 години, малата површина на обработливо земјиште, која ја наследил од своите родители ја насадил со туја, поточно со декоративни зимзелени садници.

„Идејата се роди спонтано, имав малку земја и сакав да започнам нешто да одгледувам. Случајно разговарав со пријатели кои предходно имале некакво искуство со овој вид на растенија, тие ми помогнаа да купам добар расад, регистрирав моја фирма GOLD GARDEN TREE и така го направив мојот скромен расадник. Сега имам насадено околу 3500 садници и тоа претежно туја смарагд, туја даника и туја ауреа нана.“ – раскажува Бојчевски.


Тој секоја година го зголемува бројот на садници, но како што вели оваа работа не оди така брзо, бара време и трпеливост кои сепак на крајот се исплаќаат.
Потребно е да поминат најмалку 2-3 години за да може да ги продава новите садници, па затоа се обидува континуирано да ги обновува. Вели дека зимзелените садници не се тешки за одгледување, но сепак бараат грижа и внимание. Пред некоја година инсталирал и систем за наводнување капка по капка што значително му ја олесни работата.

Со текот на годините Љупчо се трудел да стане колку што е можно поуспешен, па покрај одгледувањето на садниците почнал да уредува и дворови.
„ Да се биде во чекор со трендовите и постојаната едукација мислам дека се најважни за да се биде успешен, а тоа посебно важи за овој дел од мојата работа. Неодамна бев неколку месеци во Австралија и таму видов доста интересни идеи кои се надевам дека ќе имам можност да ги реализирам и тука , секако се зависи од желбите и потребите на клиентите“ – вели Бојчевски.


Негов најголем проблем во моментот е набавката на нов расад и затоа планира што е можно поскоро да направи пластеник и самиот да може да одгледува расад за зимзелени садници. Со тоа ќе може да го зголеми бројот, а секако и асортиманот и квалитетот на садниците.
Во моментот во неговиот расадник има садници стари од 3- 6 години. Нивната цена се разликува во зависнот од големината и се движи од 400 денари па до 1500 денари.

Пред неколку години Љупчо се обидел да насади неколку садници од брзорастечкото дрво „пауловниа“. За три години колку што ги има, брзо напредувале, но вели дека за тоа му требаат дополнителни средства.
„ Во повеќе наврати сум прочитал за ИПАРД програмата, и сметам дека ваков тип на финансиска поддршка е добредојден за мене. Планирам да аплицирам во некој нареден повик, имам навистина добри идеи и знам дека ИПАРД програмата го поддржува одгледувањето на ваквите виови на растенија. Но предходно морам да се консултирам и дополнително да се информирам околу условите што треба да бидат исполнети„ – вели овој амбициозен млад човек.

„Gold Garden Tree“ Горно Оризари Битола
Бојчевски Љупчо 071/ 236-529
