Пишува: Ленче Николовска
За да може да се организира едно договорно производство, мора да постои доверба меѓу земјоделците и откупувачот. Тоа е основен услов поради кој изминативе години слабо или воопшто не функционираше овој систем на работа. Имаме примери кога откупувачот не плаќа со месеци, па и со години, но и земјоделци кои не го почитуваат договорот и доколку имаа можност родот да го продадат поскапо, не се двоумеа, а на откупувачот му го даваа производот со полош квалитет.
Вака е веќе 20 години, колку што ја следам проблематиката.
Но времињата се менуваат. Производството на храна, агрокомплексот повеќе не трпи импровизации, малверзации, итроштини и најмногу, неизвесност. Земјоделското производство станува како и секој бизнис во кој мора да се инвестира, да се работи професионално и да се профитира. Во овој процес помага и државата со субвенции и други мерки и тука завршува приказната. Во бизнисот остануваат само оние кои сериозно се зафатиле со земјоделство, следат модерни текови, се здружуваат, организираат и најмногу имаат обезбеден пласман. Ваквите земјоделци се носителите на земјоделското производство во државата.
Се сменија и откупувачите, преработувачите и трговците. Нив им стана јасно дека доколку сакаат да имаат најсигурна суровина, мора да се потпрат на домашните производители и да изградат еден партнерски однос со нив.
Во овој процес, на враќање на довербата едни со други, договорното производство е водечкиот процес кој ќе покаже дека само со добра организираност, меѓусебно почитување на договорите и најмногу, заеднички интерес, проектот може да успее.
Пред три години, заедно со директорот на „Благој Ѓорев“ од Велес разговаравме во Влада на оваа тема со иста желба, идеја, концепт и решеност да го почнеме проектот. Поддршка имавме од МЗШВ, се покачија субвенциите за сончогледот и проектот започна. Тргнавме заеднички со директорот да ги убедуваме земјоделците да се приклучат. Имаше и недоверба и скептичност, но успеавме да убедиме и да го зголемиме производството под сончоглед.
Од оваа временска дистанца, сметам дека најголема заслуга за успешноста има фабриката „Благој Ѓорев“, поточно директорот Горанчо Лазов кој се што вети и тоа што се потпиша во договорот, се испочитува, од цена на сончогледот до навремена исплата. Тоа ги мотивираше земјоделците да продолжат да сеат и следните години, а договорното производство на сончоглед почна полека да го враќа сончогледот на македонските ниви, заедно со довербата меѓу двете страни.
Значи потребни ни се сериозни компании и сериозни бизнисмени, директори, газди на компании.
Има такви кај нас. Во изминативе 20 години во овој сектор, водечките компании во различни земјоделски гранки се менаџирани од искусни бизнисмени или нивните деца кои ги продолжуваат бизнисите. Има со кого да се работи.
Еден од нив е и Арбен Абдурахмани, агробизнисмен со кого се познаваме од времето на А1, кога за прв пат го промовиравме неговиот бизнис – живинарската фарма „Везешари“ која тогаш беше втора во Европа по технологија. Неговата упорност и нескриената желба за успех ја потврди низ годините.
Во изминативе 15 години тој се докажа не само во производството на јајца, туку и во бизнисот со преработки од месо – „Лекер“, ја отвори „Електрошари“, дел е од Конзорциумот „Фреш фуд“ за производство на пилешко месо и инвестира во капацитетот „Голд Ланд“ во село Славеј, Прилепско.
Важи за одличен познавач на состојбите во агрокомплeксот, стопанственик кој покажал општествена одговорност, коректен, почитуван и голем професионалец во работата.
Со него, преку АГРОТИМ го започнавме проектот договорно производство на пченка и тој е вториот агробизнисмен за кој гарантирам кај земјоделците дека се што ќе се договорат ќе биде испочитувано од негова страна, како сопственик на „Голд Ланд“.
„Со проектираниот модел на Голд Ланд, е предвидено изградба на центар за откуп и складирање на зрнести култури. Оваа инвестиција не е насочена само кон задоволување на потребите на нашата компанија, туку е предвидено да прерасне во регионален центар, со што ќе овозможиме загарантиран пласман на земјоделците од регионот.”- изјави Арбен Абдурахмани на свеченото отварање на инвестицијата, во декември 2019 година.
На свеченото започнување на инвестицијата присутни беа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи, министрите за земјоделство и економија, амбасадори, агробизнисмени, голем број пријатели и гости на компанијата „Везешари“.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев за изградбата на сточарска фарма „Голд Ленд“, рече дека е придонес за локалниот економски развој на општина Прилеп и околината преку зголемување на бројот на вработени, промоција на локалната економија на домашниот и дел од пазарот во опкружувањето со доближување до највисоките светски стандарди за безбедно производство на храна, со исполнување на барањата на купувачите.
„Ова е најголемата ИПАРД инвестиција и среќен сум што денеска тоа може да го обзнаниме. Ова е многу суштествен инвестициски објект што ќе се гради за развој на гоење на говеда и на сточарството воопшто во државата, која во голема мерка говедското месо го обезбедува со увоз. Значајно е дека ќе се отворат нови работни места и ќе имаме конечно производство на говедско месо дома, во нашиот пазар и за нашите граѓани“, рече премиерот Заев и додаде дека оваа инвестиција исто така преставува симбиоза на големото пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Сојузна Германија, што во трговската размена преминува 4 милијарди евра.
Минатата недела, по завршувањето на трибината за договорното производство на пченка, во Кривогаштани, Абдурахмани не однесе со свои очи се увериме до каде е инвестицијата.
Она што го видовме, беше фасцинантно, од објектот до неговите планови за работа и развој.
Нема дилема, дека оваа инвестиција ќе значи сигурност, не само за производителите на пченка, понатаму и договорно за пченица, туку и за целиот регион. Фармата со 1000 бикови ќе биде нешто невидено досега, а целата инвестиција ќе ангажира луѓе за работа, ќе се зголемува домашното производство на храна, ќе се инвестира во домашниот агрокомплекс.
Ќе завршам со една порака до земјоделците, да не се двоумат воопшто, да се вклучат во соработка со „Голд Ланд“, да ја искористат шансата за сигурност на своето производство, да му станат партнери на Арбен и да го зголемат домашното производство на храна и да заработат.
Довербата се гради со години, нека почне оваа 2021.
Kolko cena plaqat I kolko koloqina na minato godina planifikiram 7 hektar pqenka ako imam pari da kupam seme I qubre
Почитуван, за повеќе информации обратете се на телефон 070 409 400. Поздрав