Индија го забрани извозот на кршен ориз и воведе извозна царина од 20 отсто за другите видови житарки за да се обезбеди снабдување на граѓаните и да го ублажи растот на цените на домашниот пазар поттикнат од пониските засеани површини поради слабите монсунски дождови.
Индија е најголемиот извозник на ориз во светот и го продава во повеќе од 150 земји, така што намалените залихи ќе го зголемат притисокот врз цените на храната, кои веќе растат поради сушата, топлотните бранови и руската војна во Украина.
Подпросечните врнежи од дожд во главните региони за производство на ориз во Индија, како што се Западен Бенгал, Бихар и Утар Прадеш, ја поттикнаа загриженоста за производството. Оваа година Индија веќе го забрани извозот на пченица и ја ограничи испораката на шеќер, потсетува Ројтерс.
Во четвртокот Њу Делхи целосно го забрани извозот на кршен ориз, кој го увезуваа група сиромашни африкански земји, како Сенегал и Џибути, за исхрана на луѓето. Најголем клиент била Кина, која лани увезла 1,1 милион тони и главно го користи за добиточна храна.
Владата денеска воведе царина од 20 отсто и за извоз на другите видови ориз, со исклучок на делумно варениот ориз и басмати ориз. Царините ќе влијаат на белиот и кафеавиот ориз, кои сочинуваат повеќе од 60 отсто од извозот на Индија, рече претседателот на Асоцијацијата на извозници на Индија, Кришна Рао.
„Поради царините, индискиот ориз повеќе нема да биде конкурентен на светскиот пазар. Купувачите ќе се префрлат на Тајланд и во Виетнам“, рече Рао. Индија сочинува повеќе од 40 отсто од глобалниот извоз на ориз, а и конкурираат Тајланд, Виетнам, Пакистан и Мјанмар.
Извозот на Индија би можел да падне за најмалку 25 отсто во следните месеци поради царините, изјави извршниот директор на најголемиот индиски извозник на ориз Сатјам Балаџи Химаншу Агарвал.
Извозниците бараат Владата да обезбеди одредено олеснување за веќе потпишаните договори за извоз. „Купувачите не можат да платат 20 отсто повеќе од договорената цена, а дури ни продавачите не можат да си дозволат да ја платат таксата. Владата би требало да ги изземе веќе потпишаните договори“, рече Агарвал.
Индискиот извоз на ориз достигна рекордни 21,5 милиони тони во 2021 година, повеќе од следните четири најголеми извозници на жито во светот, Тајланд, Виетнам, Пакистан и САД, заедно. Досега, Индија беше убедливо најевтиниот снабдувач на ориз и тоа до одреден степен ги заштити африканските земји како Нигерија, Бенин и Камерун од порастот на цените на пченицата и пченката, рече неименуван трговец од Мумбај во глобална трговска компанија. „Досега цените на сите земјоделски производи, освен на оризот, растеа, а сега им се придружи и оваа култура“, рече тој.
